Украинската војска претходно објави дека соборила четири од шест проектили лансирани за време на нападот, за кој воздухопловните сили соопштија дека траел околу шест часа. Противвоздушната одбрана соборила и 10 од 16 беспилотни летала
Украинското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека едно лице е убиено, а неколку се ранети во најновиот бран руски напади во текот на ноќта врз повеќе области и градови во Украина.
Воздухопловните сили на земјата, исто така соопштија, дека две крстаречки ракети погодиле цивилен објект во украинскиот регион Черкаси во нападот кој бил извршен доцна синоќа.
Според гувернерот на регионот Ихор Табурец, најмалку осум лица биле ранети во нападот во кој биле погодени автопералница и индустриски објект, пренесува „Гардијан“.
Украинската војска претходно објави дека соборила четири од шест проектили лансирани за време на нападот, за кој воздухопловните сили соопштија дека траел околу шест часа. Противвоздушната одбрана соборила и 10 од 16 беспилотни летала.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, во своето редовно видеообраќање ги поздрави, како што рече, резултатите од тешките борби во регионот Донецк во источна Украина.
„Има многу тешки борби во регионот Донецк. Но, има резултати и јас сум им благодарен на оние што ги постигнаа овие резултати. Браво во Бахмут. Чекор по чекор“,
рече Зеленски во својата видеопорака, која овој пат беше пренесена од воз по посетата на областите погодени од поплавите по уривањето на браната „Нова Каховка“.
Тој се осврна и на борбите што се водат против руските сили во други области на Украина, но за нив рече дека нема да соопшти повеќе детали.
Украинскиот претседател објавил и фотографии на својот профил на Телеграм, на кои, како што пренесува „Гардијан“, може да се види како тој се среќава со некои од генералите на украинската војска.
Во врска со борбите во регионите Донецк и Запорожје утрово се огласи и руската војска. Оттаму тврдат дека руските сили успеале да уништат 21 украински тенк во битките низ клучните делови од линијата на фронтот.
Портпаролот на руските сили „Восток“ соопштил дека 13 тенкови биле уништени во битките во регионот Запорожје и осум во Донцек, објави Ројтерс. Ваквите тврдења засега не се независно потврдени.
Во меѓувреме Блумберг, цитирајќи официјални претставници на американската администрација, објави дека Соединетите Американско Држави денеска ќе соопштат за нов пакет воена помош за Украина во вредност од повеќе од две милијарди американски долари.
Средствата во рамките на иницијативата за безбедносна помош треба да ѝ овозможат на Украина да ја засили својата противвоздушна одбрана преку набавка на ракетни системи од типот „хок“ и „патриот“, се вели во извештајот.