Едно лице загина и двајца се повредени, откако маж со нож и чекан ги нападнал во центарот на Париз, во близина на Ајфеловата кула. Француските власти соопштија дека станува збор за терористички акт и дека напаѓачот е фатен.
Како што пренесе Би-би-си, францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин потврдил дека жртвата е германски турист кој бил со сопругата кога бил нападнат и смртно избоден со нож. Жената се спасила со помош на таксист кој се нашол во близина, а осомничениот побегнал преку блискиот мост на реката Сена.

Напаѓачот потоа со чекан нападнал уште две лица пред да биде запрен со електрошок и уапсен.
Како што соопшти Дарманин, осомничениот е 26-годишен француски државјанин кој ѝ е познат на полицијата. Според тврдењата, напаѓачот извикал „Алах акбар“, а подоцна на полицијата ѝ рекол дека е вознемирен бидејќи „толку многу муслимани умираат во Авганистан и Палестина“.
Осомничениот бил осуден на четири години затвор во 2016 година за планирање напад. Исто така, познато е дека човекот страдал од психијатриски нарушувања, соопшти францускиот министер Дарманин.
Францускиот претседател Емануел Макрон на социјалната мрежа „Х“ изрази сочувство до блиските на жртвите од терористичкиот напад и побара брза истрага за случајот.
„Националното обвинителство за борба против тероризмот ќе биде одговорно за расветлување на овој случај за правдата да може да биде испорачана во име на францускиот народ”,
напиша Макрон.