Во пожарот горат хаварисани возила, на кои имало монтирани плински уреди, од кои на терен се слушаат детонации
Едно лице е повредено при интервенцијата за гаснење на пожарот што утрово избувна на отпад за старо железо во скопско Визбегово, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР) од каде што посочуваат дека работат на расчистување на случајот.
Според видеата што се шират на социјалните мрежи, може да се види дека од пожарот се шири голем црн чад.

„За време на интервенцијата едно лице е повредено и е пренесено за укажување на лекарска помош“,
се вели во полициското соопштение.
Оттаму додаваат дека се преземаат мерки за гаснење на пожарот во кој горат хаварисани возила, на кои имало монтирани плински уреди и од кои на терен се слушаат детонации.
„Утрово во 9:16 часот во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје е пријавено дека на отпад за старо железо на улицата ‚Б. Буна’ во Скопје има пожар во кој горат хаварисани возила, на кои имало монтирани плински уреди и се слушаат детонации“,
информира МВР.
Досега од пожарот не се зафатени куќите што се наоѓаат во околината.
Отпадот за старо железо, како што велат од полицијата, е регистриран на име на фирма „АСД метал груп“.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека за справување со пожарот во Визбегово веќе е пуштен „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Воздушната интервенција доаѓа поради ширењето на пожарот кое претставува опасност бидејќи во близина се наоѓаат станбени куќи.
Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, во изјава за „360 степени“ рече дека на локацијата не гори депонија туку приватен отпад.
Од скопската противпожарна бригада утрово рекоа дека на терен интервенираат 12 пожарникари со четири возила и оти на помош се пристигнати цистерни со вода од јавните претпријатија.