По сообраќајната несреќа во која животот го загуби возачот на автобусот, од Министерството за надворешни работи велат дека преку Амбасадата во Рим остануваат во континуирана комуникација со надлежните италијански институции кои работат на целосно расчистување на случајот
По укажана лекарска помош, единаесетмина од македонските државјани кои беа полесно повредени во сообраќајната несреќа во Италија се пуштени на домашно лекување, додека еден е задржан во болницата во Анкона поради хируршка интервенција, соопшти денеска Министерството за надворешни работи.
Во сообраќајната несреќа која се случила вчераутро на самото место животот го загуби 59-годишниот возач на туристичкиот автобус со кој патувале македонските државјани.
„Во врска со вчерашната сообраќајка во Италија, Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Рим доби информации дека по соодветна лекарска помош за добиените лесни повреди во болница во градот Сан Бенедето дел Тронто 11 патници, државјани на Северна Македонија во текот на вчерашниот ден беа пуштени дома во добра здравствена состојба. Додека 12-тиот патник, наш државјанин се наоѓа во болница во Анкона, каде што во текот на денешниот ден ќе има хируршка интервенција поради добиените повреди на нога и рака“,
се вели во информацијата од Министерството за надворешни работи.
Оттаму додаваат дека преку Амбасадата во Рим остануваат во континуирана комуникација со надлежните италијански институции кои работат на целосно расчистување на случајот.
Според информациите што вчера попладне ги соопшти МНР, сообраќајната несреќа се случила на автопатот меѓу градовите Асколи Пичено и Анкона, при што на самото место починал возачот на автобусот, Р.И. (роден 1965 г.), државјанин на Северна Македонија, додека полесно биле повредени 12 патници, исто така наши државјани.
Дел од италијанските медиуми пренесоа дека сообраќајната несреќа се случила во тунел на автопатот А14 во регионот Марке и дека во неа учествувале три товарни возила, односно автобусот и два камиони.
#AscoliPiceno, #incendio in galleria a Cupra Marittima, sulla A14: proseguono da parte dei #vigilidelfuoco lo spegnimento degli ultimi focolai e lo smassamento del materiale bruciato [#4aprile 16:30] pic.twitter.com/ODPk69LzB6
— Vigili del Fuoco (@vigilidelfuoco) April 4, 2024
Според првичните информации, дошло до судир меѓу возилата, по кој во еден од камионите кој пренесувал алкохол избувнал пожар.
Дел од италијанските медиуми објавија и видеоснимки на кои се гледа како пожарникарите го гасат запалениот камион.