Младинските организации бараат доследна контрола на оддалеченоста на објектите за коцкање од училиштата, строга регулација и забрана за рекламирање на игрите на среќа на социјалните мрежи и во содржини наменети за млади, ефикасна проверка на возраста кај сите онлајн платформи за обложување

По повод Меѓународниот ден на младите, младинската група на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – „ХЕРА Млади“ и Иницијативата „Фрли ја коцката!“ организираа герила-акција во Скопје, преку која го изразија својот револт од сè поголемата присутност и нормализација на коцкањето и обложувањето во секојдневието на младите.
Според националното истражување ЕСПАД 2024, дури 25 отсто од учениците на возраст од 15 до 16 години се коцкале за пари во изминатите 12 месеци (34 отсто кај момчињата и 16 проценти кај девојчињата). Уделот на проблематично коцкање меѓу оваа популација бележи раст од 4,5 отсто во 2019 на 7,6 проценти во 2024 година.
Ова, се додава во соопштението, се случува во амбиент на висока младинска невработеност од 23,6 отсто, каде 45,3 проценти од вработените млади не работат во струката, а дури 67,7 отсто изразуваат желба за иселување. Во такви услови, казината, обложувачниците и агресивните онлајн реклами се нудат како лажно решение за финансиската несигурност.
„Од младите се очекува да учат, да работат, да останат во земјата и сами да изградат сигурна иднина. А што им нуди средината? Несигурни приходи, малку можности и коцкање на секој чекор како ветување за полесен живот. Не сакаме нашата држава младите со горчина да ја ословуваат како ‘Република коцкарска Македонија’. Но токму оваа порака денес го изразува нашиот револт од општество во кое понекогаш е полесно да најдеш обложувалница отколку културен центар“,
велат од младинските организации.
Потсетуваат дека Светската здравствена организација го третира коцкањето како проблем кој предизвикува анксиозност, депресија и распаѓање на социјалните односи, и додаваат дека овие ризици се преклопуваат со веќе сериозните предизвици со менталното здравје кај младите и тешко достапните услуги за психолошка поддршка.
Велат дека истражувањето на Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје, спроведено во контекст на пандемијата ковид-19, покажало дека речиси 30 отсто од испитаните адолесценти имале умерени до тешки депресивни симптоми, а 42,1 проценти умерени до тешки симптоми на анксиозност.
Младинските групи упатија конкретни барања до институциите велејќи дека коцкањето треба да се третира како прашање на јавно здравје, ментално здравје, финансиска писменост и заштита на младите.
Тие бараат доследна контрола на оддалеченоста на објектите за коцкање од училиштата, строга регулација и забрана за рекламирање на игрите на среќа на социјалните мрежи и во содржини наменети за млади, ефикасна проверка на возраста кај сите онлајн платформи за обложување. Исто така бараат и вклучување на финансиската писменост, на превенцијата од зависности и менталното здравје во образовниот систем, како и обезбедување бесплатни и доверливи услуги за советување и психолошка поддршка на младите кои се соочуваат со проблематично коцкање.
Младите порачуваат дека на нивната генерација ѝ се потребни достоинствена работа, образование, спорт и култура – а не илузија за брза и лесна добивка.
