Еден час пауза на седницата на која се дебатира по Информацијата за соджината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија. Паузата е на барање на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Расправата и попладнево поминува во иста атмосфера како и вчера. Пратениците од опозицијата со вувузели, труби и свирки ги саботираат репликите на пратениците од СДСМ. За збор пријавени се вкупно 42 пратеници, а останаа да говорат уште 25, главно од опозициските партии.
Пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов вели дека е сигурен оти може да се смени преговарачката рамка.
„Демократскиот сојуз изгради став „не“ за францускиот предлог, ако не се направат одредени корекции кои се во функција на нашите национални интереси, идентитет, јазик, историја, обичаи и традиции“,
рече Трајанов.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоранчо Јованчев, пак, побара Трајанов да каже дали ќе го подржи францускиот предлог и рече оти сега не е време за тактизирање.
„Јас заедно со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ сме на страната на народот. Ова е понижувачки предлог. Застанете на страната на народот“,
рече Јованчев.
Денеска се одвива вториот ден од дебатата за владината Информација.