Директорот на ДЗЛП во денешното сведочење рече дека софтверот требало да се користи за идентификација на вработените во Генералниот секретаријат, односно да се регистрира нивното доаѓање и заминување од работа, што, според сведокот, е во спротивно со праксата на ЕУ
Рашковски, пак, неколкупати му порача дека лаже, а цитираше и членови од Законот за заштита на лични податоци и тврдеше дека според нив дозволена е биометриска идентификација на вработените во областа на трудовото право
Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) пратила укажување до Генералниот секретаријат на Владата, кога на функцијата беше Драги Рашковски, за да се внимава да не се прекрши Законот за заштита на лични податоци пред набавката на софтверот за биометриска идентификација.
Оваа набавка е дел од обвинението по кое се води судски процес каде што првообвинет е Рашковски, а за активностите што ги презеле од ДЗЛП денеска во судница сведочеше Горан Трајковски, поранешен директор на Дирекцијата. Тој на функцијата бил од почетокот на 2016 година до мај 2019 година, односно во периодот кога бил објавен тендер за софтверот за биометриска идентификација.
„Во редовните активности на Дирекцијата, со цел превентивно дејствување во делот на заштита на личните податоци, службите редовно ги следат сите јавни огласи и во сите каде што има акцент за личните податоци Дирекцијата издава известувања и укажувања во кои наведува органот да води посебна сметка со цел да не дојде до колизија со Законот за заштита на личните податоци”,
рече Трајковски.
Такво укажување, за да се води сметка за Законот за лични податоци и на што треба да се внимава, било испратено и кога се објавил тендерот за јавна набавка на софтверот.
Одговорите на сведокот, како и прашањата од одбраната, беа во насока дека овој софтвер требало да се користи за идентификација на вработените во Генералниот секретаријат, односно при нивното доаѓање и заминување од работа.
Меѓутоа, поранешниот директор на ДЗЛП тврди дека таква пракса нема никаде во ЕУ и соседството бидејќи за обработката на биометриски податоци постојат најригорозни одредби. Односно, како што посочи Трајковски, биометриски податоци на вработени се обработуваат во случаи кога е во прашање јавното здравје, на пример, за влез на вработени во лаборатории во кои се чуваат вируси или во места каде што има експлозиви.
По наведувањето на овие примери, обвинителката Трајчева го праша дали може да се врши евиденција на вработените во Генералниот секретаријат преку биометриски податоци, на што сведокот одговори:
„Не само таму туку никаде не може да се врши евиденција на вработените по пат на биометрија, ниту во Македонија ниту каде било во светот.”
Рашковски и неговиот адвокат, пак, преку прашањата алудираа на тоа дека Генералниот секретаријат воопшто не побарал одобрение за обработка на биометриски податоци, на што сведокот појасни дека укажувањето е превентивно кога била распишан тендерот, односно пред да се набави софтверот. Кога софтверот бил набавен, Трајковски веќе не бил директор.
Додека му поставуваше прашања обидувајќи се го побие исказот на сведокот, Рашковски неколкупати му порача дека лаже, а цитираше и членови од Законот за заштита на лични податоци и тврдеше дека според нив дозволена е биометриска идентификација на вработените во областа на трудовото право.

Исто така, обвинетиот поранешен генерален секретар во судница се повикуваше и на статистики од Евросат за да докаже дека не е точно оти биометриска идентификација на вработените не се користи во Европа туку, напротив, како што тврдеше, овој тренд е во пораст.
Сведокот рече дека тоа го кажува од неговото искуство додека бил директор и од искуствата од меѓународните конференции на кои учествувал, а обвинителката Трајчева, пак, приговараше дека не може да се повикува на статистика без да се наведе во какви институции се користи овој тип идентификација на вработени.
На крајот од сведочењето на поранешниот директор на ДЗЛП, Рашковски повторно приговараше дека тој бил ирелевантен бидејќи не бил директор кога се склучил договорот за набавката, а обвинителката го повикала само за да се појават наслови по порталите. Исто така, забележа дека сега Обвинителството тврди дека системот бил за идентификација на вработените, а во воведните зборови тврдело дека е за издавање на лични карти и пасоши.
„Станува збор за сведок кој и по временскиот период кога бил директор не е со никаква функционална поврзаност со набавката, затоа што тогаш не е директор, вториот факт е што одговорите што го даваше не беа поткрепени ниту со законски одредби. Давањето лични ставови би го претворило ова судење во дебатна емисија од која не треба и понатаму не смее да произлегуваат судски одлуки. Ова е направено за да може да излегуваат наслови во портали. Во процесот ниту некаде е наведено зошто овој софтвер ќе се користи, сега гледаме претумбување дека ќе се користи за евидентирање работно време, а обвинителката Русковска во воведни зборови зборуваше дека ќе се користи за пасоши и лични карти”,
рече Рашковски.
На ваквите тврдења, пак, во изјава за медиумите обвинителката Трајчева рече дека таа никогаш не навела дека софтверот ќе се користи за работно време туку тоа го наметнала одбраната.
„Јас воопшто не реков дека е за мерење на работното време на вработените, тоа проба да го наметне обвинетиот, ако слушавте како се одвиваа прашањата. Јас можам да кажам што било наведено во тендерската документација, а на крајот ќе докажеме дали можело и воопшто требало да се набави таков систем за биометриска идентификација“,
рече Трајчева.
Набавката на софтверот за биометриска идентификација е само еден дел од обвинението против поранешниот генерален секретар на Владата. Тоа опфаќа уште една набавка на софтвер, но за сообраќајни прекршоци. Двата, според обвинителството, никој не ги барал и не ги користел. Исто така, обвинението опфаќа и исплата на хонорари од кои, според Обвинителството, ексгенералниот секретар дел зел за себе.
Кривичните дела за кои се гони Рашковски е злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него обвинети се уште шест лица поврзани со фирмата „Инвока“ од која бил купен софтверот за сообраќајни прекршоци, но и лица кои биле соработници, а некои од нив и хонорарци во Владата: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот за кој никој не го прашал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021.