Рашковски преку своите прашања прво сакал да посочи дека Пиперевски нема искуство за да тестира ваков софтвер, а потоа сакал да изнуди одговор од кој ќе докаже дека сè е во ред со софтверот, а проблемот е околината за извршување и тестирање на софтверот
Софтверот за сообраќајни прекршоци што го набави ексгенералниот секретар на Владата Драги Рашковски не работел, констатирал вештакот од областа на информатичката технологија Мане Пиперевски, кој денеска сведочеше на судското рочиште во Основниот кривичен суд Скопје.
„По инсталирањето, се појави грешка поради која софтверот не можеше да се стави во функција и да се продолжи со детална проверка на неговите функционалности. Што значи, софтверот не беше функционален за да се проверат сите наведени функционалности. Од таа причина, заклучувам дека софтверот не е функционален, конфигуриран согласно техничкото упатство, дадени на цедето. Бидејќи софтверот не влезе во функција, не можеше да се отиде на терен за да се испита дали функционира согласно барањата од наредбата на јавниот обвинител“,
рече вештакот, пренесе „А1он.мк“.
Бидејќи софтверот не можел да се вклучи, вештакот не ни можел да провери дали навистина тој мери брзина, констатира прекршоци кај возачи, но и дали некое возило е регистрирано или украдено, поминува на црвено светло на семафор…
Рашковски, пак, преку своите прашања како што пренесува порталот, прво сакал да посочи дека Пиперевски нема искуство за да тестира ваков софтвер, а потоа сакал да изнуди одговор од кој ќе докаже дека сè е во ред со софтверот, а проблемот е околината за извршување и тестирање на софтверот.
Набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци е само еден дел од обвинението против поранешниот генерален секретар на Владата. Тоа опфаќа уште една набавка на софтвер, но за биометриска идентификација. Двата, според обвинителството, никој не ги барал и не ги користел. Исто така, обвинението опфаќа и исплата на хонорари од кои, според обвинителството, ексгенералниот секретар дел зел за себе.
Кривичното дело за кое се гони Рашковски е злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него обвинети сè уште шест лица поврзани со фирмата „Инвока“ од која бил купен софтверот за сообраќајни прекршоци, но и лица кои биле соработници, а некои од нив и хонорарци во Владата: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот за кој никој не го прашал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021.