Осум здравствени работници се позитивни на ковид-19 од Клиничката болница во Штип. Поточно, станува збор за медицински персонал на одделенијата за кардиологија и физикална терапија. Поради ова, двете одделенија не се во можност да примаат пациенти.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев, на денешната прес-конференција рече дека лекари и медицински персонал од Одделението за кардиологија се во превентивна изолација. За неколку дена ќе им биде извршено тестирање, по што ќе се знае дали ова одделение ќе продолжи со работа.
Ѓеорѓијев вели дека сите здравствени установи од источниот регион се информирани пациентите да ги испраќаат на лекување на Клиниката за кардиологија во Скопје. На одделението за физикална терапија сите тројца лекари се заразени, а имаат и двајца од здравствениот персонал. Таму за десеттемина пациенти се грижат медицински сестри.
„Постојано сме во контакт и во координација со лекарите кои се во изолација и по нивна проценка ќе одлучиме дали тие можат да останат, со оглед на дијагнозата и клиничката слика и понатаму, бидејќи медицинските сестри се таму и прават третмани на физикална терапија или, што е многу пожелно, можат да бидат испишани на домашно лекување“,
рече Ѓеорѓијев.
Досега се вакцинирани 35 здравствени работници во Клиничка болница во Штип, а процесот на вакцинација ќе продолжи утре.
„Очекувам во наредните денови сите оние што се пријавиле од Клиничка болница, а тоа е некаде околу 160 според последниот список и оние 35 кои веќе завршија, значи околу 190 луѓе се пријавени за вакцинација против ковид-19“,
вели Ѓеорѓијев.