Децата биле на возраст од четири и од пет години, а биле пронајдени на две различни локации во Скопје
Две деца на возраст од четири и од пет години денеска биле изгубени, а потоа пронајдени и предадени на родителите, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Едно од децата, кое било машко и на возраст од четири години, било најдено во близина на зградата на Народна банка во центарот на Скопје.
„Денеска во 11:50 часот на улицата ‘Стефан Цветковиќ’ во Скопје, во близина на Народна банка, од граѓанин е пронајдено машко дете на возраст од четири години, кое било со тротинет и кое не зборувало“,
информираат од МВР.
Подоцна, околу 14:30 часот детето било пријавено за исчезнато во полициската станица Чаир. Од полицијата велат дека набргу потоа во полициската станица Центар четиригодишното момче е предадено на родителите.
Од МВР денеска информираа дека на Бит-пазар од страна на граѓани било пронајдено уште едно изгубено дете. Тоа било девојче на петгодишна возраст. Девојчето било однесено во градинката „Фидани“ од каде била земена од нејзината мајка.