Двајца млади пациенти на дијализа ќе добијат бубрези од починат донор, чие семејство вчера попладне дало согласност за да ги донира органите, соопшти Министерството за здравство.
Оттаму велат дека трансплатацијата е во тек и се одвива успешно. Медицинскиот тим кој работи на трансплатацијата викендов се состои од: националниот координатор д-р Маја Мојсова Мијовска, болничките координатори заедно со екипите од Клиниката за Неврохирургија, КАРИЛ, Рендген институтот, Клиниката за трансфузиологија, Клиниката за нефрологија, Клиниката за кардиологија и хируршките клиники за Урологија и Ортопедија.
Дополнително, во наредните денови ќе следуваат трансплантации на коскени ткива кај пацинети кои се лекуваат на Клиниката за Ортопедија.
„Благодарност до семејството на пациентката, особено до нејзината млада храбра ќерка чија храброст, хуманост и добрина ни донесоа ден полн надеж и живот за најмалку двајца пациенти. Уште еднаш големо сочувство за нивната загуба и благодарност за нивната хуманост“,
велат од Министерството за здравство.