Бидејќи одговорната во конкурентската компанија ги игнорирала барањата и заканите на осомничените, тие на 29 август по втор пат се појавиле во просториите на фирмата и еден од нив извадил пиштол, го репетирал и го вперил во слабината на жената, а со другата рака ја фатил за вратот. По ова двајцата си заминале, заканувајќи се дека повторно ќе се вратат, по што следниот ден, односно на 30 август, фирмата ја повлекла жалбата на одлуката за јавната набавка
Скопското Основно јавно обвнителство почнало истражна постапка против двајца браќа осомничени дека со огнено оружје присилиле одговорно лице во фирма да ја повлече жалбата во врска со тендер за јавна набавка на училиштен и друг мебел за едно скопско средно училиште.
Двајцата браќа, на возраст од 23, односно 25 години, се товарат дека како соизвршители извршиле кривично дело изнуда од член 258 од Кривичниот законик.
„Со намера да прибават противправна имотна корист за правно лице од Визбегово, двајцата со сила и сериозна закана, но и со употреба на огнено оружје присилиле една оштетена – одговорно лице во друга фирма да повлече поднесена жалба на одлука за избор на најповолна понуда за јавна набавка на училиштен и друг мебел“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.
Оттаму даваат и краток опис на настаните за кои се товарат двајцата осомничени.
Имено, според Јавното обвинителство, на огласот за јавна набавка, објавен од средно улилиште во Скопје, како најповолен понудувач била избрана фирмата од Визбегово, на што другата, конкурентска, компанија вложила жалба.
На 22 август, двајцата осомничени се појавиле во просториите на конкурентската фирма на улицата „Благоја Стефковски“ во Скопје и побарале од одговорното лице да ја повлече жалбата. Со притисоците и барањата тие продолжиле и во следните неколку дена, обидувајќи се преку телефон да ја убедат оштетената да ја повлече жалбата, но таа не им одговарала на повиците.
На 29 август, како што информираат од Обвинителството, браќата повторно дошле во конкурентската фирма, овој пат упатувајќи директна закана:
„Имаш 24 часа да ја повлечеш жалбата, инаку сѐ ова ќе лета во воздух“,
се наведува во соопштението.
Осомничените не се предомислиле и откако одговорната во фирмата побарала од нив да ги напуштат просториите оти ќе повика полиција, туку продолжиле со заканите, а еден од браќата извадил пиштол, го репетирал и го вперил во слабината на жената, а со другата рака ја фатил за вратот.
По ова двајцата си заминале, заканувајќи се дека повторно ќе се вратат, по што следниот ден, односно на 30 август, фирмата ја повлекла жалбата на одлуката за јавната набавка.
Од Јавното обвинителство велат дека сомнението за кривичното дело е поткрепено со повеќе докази, меѓу кои и видеозапис од безбедносните камери во оштетената фирма.
Поради опасност од бегство и можно влијание врз сведоците и оштетените, но и опасност да го повторат делото, надлежен јавен обивнител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска попладне доставил предлог на осомничените да им биде одредена мерка притвор.