За време на првата ноќ од полицискиот час во земјава, во кој беше забрането движењето на населението, биле приведени 18 граѓани, а околу 70 биле предупредени.
Станува збор за првични неофицијални информации и се очекува МВР во текот на денот да излезе со официјални бројки. Бројката може да варира бидејќи во моментов сè уште не се сумирани статистиките од сите сектори.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев синоќа порача дека првата ноќ ќе се предупредува, а од денеска ќе почне и да се казнува.
Но, сепак, според нашите информации, имало приведувања и во дел од тие случаи станува збор за лица кои биле предупредени и не постапиле според предупредувањето. Во Тетово, на пример, имало случај кога граѓани им се спротивставиле на полицајците, па биле приведени.
Во Куманово, пак, биле приведени лица кои во автомобилот имале оружје.
ОБНОВЕНО:
Министерот Наќе Чулев, на прес-конференција потврди дека за време на полицискиот час биле приведени 18 чица. Станува збор за шест граѓани од Кочани, пет од Тетово, по двајца од Гостивар, Куманово и Радовиш и еден од Штип.
За девет од нив, веќе се поднесени и кривични пријави по членот 206 од Кривичниот законик за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.