„Имаме обврска да градиме општество во кое трудот се цени и вреднува, а социјално-економските права се остваруваат!“, порача претседателката по повод Денот на трудот
Ако сакаме да ги задржиме или да ги вратиме работниците дома, кон нив треба да се однесуваме како кон вреден социјален капитал, да сфатиме дека само задоволни работници може да бидат вредни и продуктивни – порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката по повод Денот на трудот – 1 Мај.

„Имаме обврска да градиме општество во кое трудот се цени и вреднува, а социјално-економските права се остваруваат! Не смееме да заборавиме дека синдикалното организирање, правото на протест и социјалниот дијалог се предуслови за рамнотежа меѓу економските интереси и социјалната правда“,
порача Сиљановска-Давкова.
Претседателката додава дека 1 Мај е потсетник на долгата, тешка, праведна и достоинствена борба на работниците за признавање на трудот, но и доказ дека работничкиот бунт кренат во Чикако во далечната 1886 година сè уште ги повикува на единство работниците во борбата за своите права, работодавачите на преиспитување на односот кон нив, а носителите на власта на промисла на економската и социјална политика, низ призма на демократијата.
„Одбележувањето на Денот на трудот е вистински момент за соочување со сè уште актуелните прашања: дали ги почитуваме општоприфатените норми на меѓународното трудово право?, дали сме само уставно, или и во стварноста социјална држава?, дали социјалната правда е идеал или реалност?, дали работничкиот труд е соодветно вреднуван?, дали се безбедни и сигурни на работното место?, дали и зошто има случаи на присилна работа?, дали секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место?, дали секој вработен има право на платен дневен и неделен и годишен одмор?, каков е односот на колективните партнери кон колективните договори и правото на штрајк? Од одговорите на овие прашања зависи уживањето на економските и социјални правa од страна на работниците, коишто пак, го детерминираат обемот и квалитетот на нивните културни права“,
пишува Сиљановска-Давкова во честитката по повод 1 Мај.
