Во пожарот, кој избувна ноќта на 2 јануари, беше опожарена една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот и третиот, а се урна и покривот
Два месеца по големиот пожар што го зафати Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица, денеска почна да работи делот од Градскиот пазар кој не беше опожарен, како и продавниците на сите катови, односно околу две третини од објектот.

„Половина од Градскиот пазар денеска почна со работа, како и сите продавници од приземје до четврти кат од десната страна на главниот влез кои беа помалку зафатени од пожарот. Саниран е и покривот, а до крајот на неделата очекуваме да завршат работите во делот кој беше најмногу опожарен. Таму е поставена електричната инсталација, се поставуваат плочки, а ќе бидат поставени и излози на продавниците од внатрешната страна“,
вели Стојан Манев од Здружението „Обнова Глобал“.
Според Општинската комисија за проценки на штети од елементарни и други непогоди, во тек е поднесувањето барања од страна на сопствениците на тезги и продавници и досега се поднесени вкупно 59 апликации, од кои 44 се од правни субјекти и 15 од физички, со апел тоа да заврши до крајот на неделата.
Општинската комисија ќе ги сублимира барањата за отштета во заеднички извештај за штетата, кој ќе го достави до Советот на општина Струмица и по неговото усвојување ќе биде доставен до Републичката комисија за проценка на штети.
Во пожарот, кој избувна ноќта на 2 јануари, беше опожарена една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот и третиот, а се урна и покривот.