Адвокатот на Бојан Јовановски-Боки 13, Сашко Дуковски, попладнево сам во Апелацискиот суд Скопје бараше на неговиот клиент да му се укине мерката притвор која ја издржува во затворот во Шуто Оризари.
Боки на негово барање не беше спроведен во Апелација, а неговиот адвокат на седницата како главен аргумент да се укине притворот ја истакна здравствената состојба на клиентот.

Пред да презентира низа лекарски извештаи, тој го коментираше решението за притвор од Основниот кривичен суд велејќи дека тамошните судии како една од причините не може да го наведат степенот на кривична одговорност зашто случајот „Рекет“ е сè уште во фаза на судење.
„Не знам како треба да им се објасни на тие судии да не употребуваат степен на кривична одговорност. Тоа не е нивна функција да го ценат тоа во фаза на судење. Би паднале на испит на Правен факултет. Семејните околности и тоа што нема основано потесно семејство беа тргнати еднаш од Апелација како причина, сега повторно се ставени. Ако човек одлучил да не се жени или мажи, тоа е отежнителна околност – тоа е срамота да го наведете како причина“,
рече Дуковски.
Понатаму, тој цитираше делови од извештаите на лекарите, наведувајќи дека затворската лекарка дури навела дека е подготвена да сведочи за состојбата на Јовановски.
Покрај извештаите од затворската амбуланта, тој презентираше и извештаи од супспецијалисти.
Во сите, според тоа што го наведе адвокатот, се укажува дека е потребен хигиенско-диететски режим.
„Не може десет супспецијалисти и двајца затворски лекари истото да го констатираат. Многу е лесно секој да каже – ако се јави проблем, ќе се однесе во болница. Не се решава за тоа, се работи за затвор каде што нема услови за тоа… Ако јас како негов бранител имам интерес да излезе, зошто овие луѓе го констатираат тоа? Сигурно не го пишуваат тоа во извештаите зашто им е симпатичен“, рече адвокатот.
Тој посочи и дека била препорачана и операција, како и дека му се земени примероци од чирот на желудникот да се испита дали станува збор за карцином.
Тој потенцираше и дека треба да има еднаквост на странките, посочувајќи дека други обвинети во предметот веќе се наоѓаат во куќен притвор, како што се Катица Јанева и Зоран Милески-Кичеец, кој веќе е осуден со првостепена пресуда по признанието на вина.
Обвинител од Вишото јавно обвинителство, кое е надлежно да настапува пред второстепено суд, не се појави на седницата, но испратил писмено известување.
Во него бара да се одбие жалбата како неоснована и дека се исполнети сите услови за притвор, а како причина ја потенцира опасноста од бегство затоа што може да ја искористи првата можност за тоа бидејќи нема имот на свое име, не е во работен однос, често патувал во странство.
Дури обвинителот предлага да се определи притвор за Јовановски до моментот на издржување на казната.
Апелацискиот суд одлуката ќе ја соопшти дополнително.
*Поврзана вест
Боки 13: Не сум експериментален глушец, дискриминиран и маргинализиран сум