Оттаму нагласуваат дека ваквиот дисбаланс претставува сериозно нарушување на принципот на правична и соодветна застапеност, за кој велат дека е темел на институционалната стабилност и меѓуетничката доверба во земјата
Во Министерството за одбрана 10 од 10 директори се Македонци, ова е сериозен аларм за исклучувањето на Албанците од безбедносниот систем, велат од Демократската унија за интеграција (ДУИ) посочувајќи на официјални податоци објавени од Министерството за одбрана.
„Официјалните податоци објавени од Министерството за одбрана покажуваат дека сите десет директори во Министерството се Македонци, додека ниту еден Албанец не раководи со директорат“,
велат од ДУИ во денешното соопштение.
Оттаму нагласуваат дека ваквиот дисбаланс претставува сериозно нарушување на принципот на правична и соодветна застапеност, за кој велат дека е темел на институционалната стабилност и меѓуетничката доверба во земјата. Според нив, безбедносниот и одбранбениот систем наметнува потреба од доверба, рамнотежа и учество на сите заедници во процесите на одлучување.
Исклучувањето на Албанците од највисоките раководни позиции во одбраната, како што се додава во соопштението, ја поткопува довербата во институциите, создава чувство на маргинализација и директно го доведува во прашање мултиетничкиот карактер на безбедносните тела.
Во реакцијата ДУИ упати и директни критики до албанскиот партнер во власта, Влен, поради нивниот молк за ова прашање.
Од ДУИ обвинуваат дека и покрај учеството во извршната власт, партнерите од Влен не успеале да обезбедат ниту минимална застапеност на Албанците во клучните сектори во одбраната.
Според ДУИ, недостигот на конкретни резултати покажува политичка заробеност и неможност да се спротивстават на ваквите кадровски решенија.
„Правичната застапеност во безбедносните институции претставува предуслов за доверба, стабилност и долгорочна безбедност на Република Северна Македонија“,
додаваат од ДУИ.
