ДУИ тврди дека Уставниот суд веќе не се крие зад неутралноста и делува како „параполитички продолжеток на актуелната власт“

Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) велат дека со длабока загриженост и негодување ја осудуваат, според нив, се поотворената политичка улога на Уставниот суд на Северна Македонија.
Според ДУИ, Уставниот суд ја напуштил својата мисија како независна институција и се претворил во, како што велат, инструмент на власта за рушење на темелите на меѓуетничката еднаквост и на Охридскиот мировен договор.
Од партијата денеска преку соопштение ги критикуваат изјавите на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, оценувајќи ги како „неодговорни и длабоко опасни“, бидејќи, според нив, ги минимизираат меѓуетничките проблеми и ги прикажуваат како алатка за политички цели, со намера да го одвратат вниманието од системската дискриминација.
ДУИ тврди дека Уставниот суд веќе не се крие зад неутралноста и делува како „параполитички продолжеток на актуелната власт“.
Најавата дека одлуката за Законот за употреба на јазиците ќе биде донесена по изборите, од ДУИ сметаат дека е „добро осмислен план” за одржување на политичкиот проект кај Албанците преку, како што ги нарекуваат, „квазипретставници без легитимитет“, а потоа да се нападнат постигнувањата стекнати преку Охридскиот договор.
„Гласовите кои со месеци предупредуваа за тајна спогодба меѓу Владата и Судот за укинување на законот по изборите, сега добиваат облик на свршен чин. Овие случувања откриваат една горчлива вистина: еднаквоста и соживотот се ставени на нишан од самите институции кои треба да ги штитат“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Од ДУИ, исто како и нивниот потпретседател Бујар Османи, велат дека дека претстојните избори се „референдум за албанскиот јазик, за граѓанската еднаквост и за насоката во која ќе се движи нашата држава“. Оттаму прашуваат дали државата ќе биде на сите граѓани или „маскиран режим што ја користи правдата за да го задуши идентитетот и правата на Албанците“.
Според ДУИ, не смее да дозволи ниту една институција да ги злоупотреби механизмите на државата за да ја врати неправдата од минатото и велат дека Охридскиот договор е државотворен договор за кој нема да дозволат да биде погазен.
„Нашиот глас ќе се слушне. Еднаквоста не се преговара. Охридскиот договор нема да се погази“,
се додава во соопштението на ДУИ.
Реакцијата на ДУИ доаѓа откако вчера претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски изнесувајќи ја неговата проценка, рече дека за да се избегне политизација и етнизација, конечната одлука за Законот за јазиците ќе биде донесена после локалните избори и најави дека подготвителна седница за овој Закон ќе се одржи на 19 јуни.