Од ДУИ сметаат дека Тошковски покажува целосен неуспех да ја заштити безбедноста на граѓаните и да го зачува јавниот ред и бараат негова оставка веднаш

Според Демократската унија за интеграција (ДУИ), иронично и неприфатливо е што министерот Панче Тошковски без професионализам и кредибилитет, обвинува без основа и се обидува да го пренасочи вниманието од неговите неуспеси. Оваа реакција на ДУИ доаѓа по изјава на Тошковски дека МВР има оперативни информации дека зад настаните во Скопје на прославата на Денот на албанското знаме и во Куманово, кога беа запалени автомобили и фотокопирница, стојат високи структури на ДУИ.
„Ова е истиот министер кој еден ден пред да биде уапсено лице со ментална попреченост, како автор на палењето на автомобилите во Куманово, јавно изјави дека има ‘оперативни податоци’ за високоорганизирана и софистицирана група што стои зад нападот. Како може да му се верува на министер кој докажа неспособност да се справи со едноставни ситуации и кој постојано шири невистинити информации? Сега, истиот министер се осмелува да дава неодговорни изјави со вклучување на поранешен градоначалник од ДУИ во организацијата на инцидентите на Денот на знамето, без никакви конкретни докази“,
се вели во реакцијата на ДУИ.
Од ДУИ сметаат дека Тошковски покажува целосен неуспех да ја заштити безбедноста на граѓаните и да го зачува јавниот ред и бараат негова оставка веднаш.
ДУИ неодамна до Собранието поднесе иницијатива за интерпелација на Тошковски.
Во врска со настаните од прославата на 28 ноември, Денот на албанското знаме, случајот е расчистен во насока на тоа дека се фатени конкретните сторители кои го нарушија јавниот ред и мир и сквернавеа државни симболи, но во насока на тоа дали во заднина има организирана група која директно ги поттикнала овие дејствувања, случајот сè уште не е расчистен, изјави министерот за внатрешни работи неодамна и посочи дека поранешен градоначалник на ДУИ работел со друга група за организација на немирите.