Првата точка е опозицијата да ги поддржи уставните измени кои би влегле во сила до втората меѓувладина конференција, втората е повлекување на ДУИ од Владата, вклучувајќи ја и пржинската, и третата точка, која е воедно и услов, е доколку се прифати овој план, да започне истрага за политичките партии тргнувајќи од претседателите до членовите на претседателствата и сите други носители на јавни функции со присуство на експерти од меѓународната заедница
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска излезе со предлог од три точки до ВМРО-ДПМНЕ во насока да ја убеди опозицијата да ги поддржи уставните измени.
Планот, односно предлогот од три точки го соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи кој, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, посветена на претстојниот „Преспа – форум за дијалог“, кој ќе се одржи оваа недела на 15 и 16 јуни, ја искористи можноста да настапи во својство на партиската функција – портпарол на ДУИ.

Османи пред да го презентира планот, рече дека по прес-конференцијата по лидерската средба меѓу премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, станало јасно дека контекстот во врска со уставните измени е променет за 180 степени.
„Веќе нема сериозна политичка партија која смета дека уставните измени се проблематични. Постигнавме еден голем чекор, постигнавме консензус дека уставните измени не се проблем и опозицијата ги прифаќа и тоа го кажа претседателот на опозицијата. Второ, констатираме дека се наоѓаме на крстопат и дека имаме историска шанса со уставните измени да ја фатиме брзата патека овозможена од геополитичкиот контекст во кој се наоѓаме. Во овие услови првиот наш пристап е да ја убедиме опозицијата да ги поддржи уставните измени. И затоа денеска пред вас ја искористив позицијата да предложам план од три точки, односно предлог од три точки, сега малку ќе поминам во делот на ДУИ, до опозицијата“,
рече Османи.
Планот од три точки, како што посочи тој, опфаќа:
- Првата точка е опозицијата да ги поддржи уставните измени кои би влегле во сила до втората меѓувладина конференција.
- Истиот ден, тоа е втората точка, ДУИ би се повлекла од сите позиции во Владата, вклучувајќи ја и пржинската, која треба да се формира 100 дена пред одржување на парламентарните избори.
- Третата точка е услов, а тоа е доколку се прифати овој план, уште утре да започне истрага на политичките партии тргнувајќи од претседателите до членовите на претседателствата и сите други носители на јавни функции со присуство на експерти од меѓународната заедница, со цел да се има непристрасност и објективност во процесот за да заврши оваа партиска злоупотреба и обвинувања на политичките партии по однос на криминогеност.
„Имаме само еден услов, прифаќаме сè, и премиерот кој го имаме како 100 дена мандат и пржинската влада да ги повлечеме и истиот ден кога ќе стапат во сила уставните измени да се повлечеме од сите позиции, но само со овој овој услов опозицијата да ги поддржи уставните измени. Мислам дека поконкретен план од овој од три точки кој денеска им го нудиме не може да има“,
рече Османи.
Во врска со прашањето за одложена примена на уставните измени, што е, пак, еден од предлозите и барањата на ВМРО-ДПМНЕ, Османи рече дека нема логика оти такво нешто повеќе би важело доколку има промена во нормативниот дел од уставните измени од кој произлегуваат законски решенија.
„Прашањето на одложена примена на уставен амандман повеќе важи доколку има промени во нормативниот дел од Уставот од кој произлегуваат законски решенија, но кај овие уставни измени нема измена со која се продуцира закон, но има повеќе политика, симболика и пристап за да покажете дека сите граѓани од сите заедници независно од која бројност се, ги третирате исто. Ако прифатиме одложено дејство, им укажуваме на земјите членки (на ЕУ) дека Бугарите нема да ги третираме исто како Турците, Албанците, Србите, Власите сè до членство во ЕУ. Затоа нема логика одложеното дејство на уставните амандмани. Наш прв пристап е да ја убедиме опозицијата да ги поддржи уставните измени“,
рече Османи.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференцијата по лидерската средба со Ковачевски на 7 јуни рече дека на предлозите на премиерот и лидер на СДСМ настапил со свои, од кои првиот е ДУИ да не биде во Владата во која Ковачевски му понудил половина од министерските места што ги има СДСМ и уставните измени да бидат со одложено дејство, односно, да важат откако ќе почне ратификацијата на пристапниот договор за членство на земјава во Европската Унија.
ДУИ уште истиот ден се согласи да не биде во Владата, но откако уставните измени ќе се изгласаат и ќе стапат во сила.