„Коридорот 8, иако го носи печатот на ДУИ, е на сите граѓани и апелираме тунелот од Гостивар до Букојчани да се реализира бидејќи тоа е најдобрата и најрационална опција за овој дел од коридорот. Исто така, предвидениот буџет за овој проект мора да се реализира како што е утврден за да нема намерни опструкции и политички доцнења во реализацијата на проектот“, се вели во реакцијата од Демократската унија за интеграција
Продолжувањето на работите на Коридорот 8 дури и од страна на Владата без етнички легитимитет ја докажува нашата правична и визионерска политика, оценуваат од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Реакцијата од партијата на Али Ахмети доаѓа по денешниот настан на кој премиерот Христијан Мицкоски и дел од вицепремиерите и министри во Владата го означија почетокот на изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани-Кичево од Коридорот 8 кој го гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Според ДУИ, партиите што денеска „го фалеа и се гордееја со проектот“, нарекувајќи го историски, до вчера го критикувале договорот за изградба на Коридорот, со закани дека ќе го поништат кога ќе дојдат на власт.
Граѓаните, велат од партијата, се убедени дека целиот политички лов на вештерки со клевети и конструкции бил измама за да се дојде на власт.
„Коридорот 8, иако го носи печатот на ДУИ, е на сите граѓани и апелираме тунелот од Гостивар до Букојчани да се реализира бидејќи тоа е најдобрата и најрационална опција за овој дел од коридорот. Исто така, предвидениот буџет за овој проект мора да се реализира како што е утврден за да нема намерни опструкции и политички доцнења во реализацијата на проектот“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски на денешниот настан посочи дека по две години од ветувањата на претходната влада може да се види дека на терен се работи на Коридорот 8, истакнувајќи дека сака да ја види Македонија како главна транспортна, железничка и гасоводна крстосница во регионот.
„Денеска конечно може да се види нешто што треба да претставува дел од оној сон што го имаме како влада, а тоа е како нашата земја да биде држава на три раскрсници. А тоа е да бидеме транспортна, железничка и енергетска крстосница. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам се да стане и реалност“,
изјави Мицкоски.
Како што кажа премиерот, интензивирањето на работите почнало уште од првиот контакт со раководството на компанијата „Бехтел и Енка“ во Вашингтон за време на Самитот на НАТО.
„И, еве, гледате кога ќе постигнете заеднички дијалог, кога ќе се разговара, може да се постигне и напредок. Тој напредок можете сега и сите да го видите“,
рече премиерот.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, како дел од владината делегација на денешниот настан, рече дека после 50 години, почнува изградба на автопатот Гостивар-Букојчани-Кичево, најтешката траса од автопатскиот Коридор 8 на запад, што значи дека помеѓу главниот град и Охрид и Струга ќе се патува за околу час и половина.
Според Николоски, со изградбата на оваа делница ќе се реши најтешкиот дел од она што треба да биде автопат Скопје-Кичево-Струга-Охрид.
На настанот присуствуваа и американската амбасадорка Анџела Агелер, вицепремиерот Изет Меџити и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.
Договорот за изградба на автопатските делници на Коридорите 8 и 10-д претходната влада на СДСМ и ДУИ и конзорциумот „Бехтел и Енка“ го склучија на лани на 8 март, а кон крајот на мај истата година Собранието донесе измени на неколку со цел да се забрза и олесни постапката за изградба на коридорите.
Тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше Договорот и беше против донесувањето на измените на законите. З
Дополнително за изградба на инфраструктурните проекти на двата коридори во должина од 108 километри и со проценета вредност од 1,319 милијарда евра беше донесен специјален закон со кој се уредени условите и начинот на градба.
Договорот со „Бехтел и Енка“ кој е таен, стигна и до Државната комисија за спречување на корупцијата, која што посочи на ризици од корупција и одлучи да го достави до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) кое претходно по допрен глас отвори предмет за изборот на фирма за надзор на изградбата на Коридорите 8 и 10-д.