ДУИ ја продолжува кампањата за премиер Албанец повикувајќи ги албанските гласачи да се обединат, а Изет Меџити на прес-конференција порача дека завршил етничкиот македонски монопол врз премиерската функција.
„Досега имаше само две опции кој ќе биде следниот премиер на С Македонија, секогаш беше фактичка ситуација дека премиерот ќе биде од кандидатите на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Овој пат првпат е различно, граѓаните имаат три опции, двајца кандидати од македонските партии или првпат во историјата еден кандидат Албанец за премиер. Етничкиот македонски монопол врз моќта заврши, ако зборуваме за едно општество, тогаш е време за еднаква распределба на моќта и можностите“,
рече Меџити.
Во видеото од прес-конференцијата кое го објави партијата се гледа и дека веќе има билборд во Скопје со порака дека има три опции.

Сепак, и покрај ваквата кампања, Меџити не спомена име за кандидат за премиер туку кажа ќе поддржат кандидат по изборите.
„Во политиката во нашата земја албанскиот глас секогаш бил пресуден. На последните избори во 2016 година ние Албанците ја донесовме промената и го избравме Заев за премиер иако граѓаните на тие избори граѓаните гласаа и одлучија различно и тој беше втор на изборите. Овој пат албанскиот глас исто така ќе биде пресуден, но овој пат ние Албанците по изборите ќе поддржиме наш кандидат за премиер на земјата“,
рече Меџити.
Токму Заев, кого го спомена Меџити, вчера рече дека ваквата кампања на ДУИ е популистичка и националистичка и оти на ваков начин партијата ја навредува интелигенцијата на народот.
Заев ѝ порача на ДУИ дека ќе изгуби гласови и ќе замине во опозиција.