Од владејачката партија побараа темелна истрага за наводите за злоупотреба на Онкологија, а случајот да не се злоупотребува за политички цели во време кога, како што велат, државата се наоѓа пред уште еден важен предизвик
Политичките партии да не ги компромитираат и да се држат настрана од истрагите за случајот „Онкологија“, туку да ги поддржуваат без резерва, побара денеска Демократската унија за интеграција (ДУИ) откако МВР и Обвинителството отворија предистрага за злоупотребите со лекови за болните од рак на Клиниката за онкологија, односно крадење на терапиите и нивно препродавање на црниот пазар.
„Бараме одговорните лица да излезат пред лицето на правдата и да не се злоупотребува за политички цели во време кога државата се наоѓа пред уште еден важен предизвик“,
велат од ДУИ.

Владејачката партија во соопштението пишува дека со голема загриженост ги следи случувањата околу сомнежите за злоупотреби на Клиниката за онкологија и бара од надлежните институции итна и темелна истрага за случајот.
„Целосно ја поддржуваме акцијата спроведена пред неколку дена од страна на МВР и Обвинителството и ги повикуваме институциите да спроведуваат вакви истраги и во другите клиники и институции. Исто така, апелираме да не се линчува целиот медицински персонал кој секојдневно е на должност и спасува животи“,
се додава во соопштението на Демократската унија за интеграција.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ претходно обвини дека злоупотребите на Клиниката за онкологија не можеле да се случат без знаење на највисоките структури во клиниката и во владата. Поради тоа, од партијата побараа политичка одговорност, но и темелна истрага после која, како што велат, ќе следи кривична одговорност.
За потсетување, неделникот „Фокус“ минатиот период објави серија текстови за постоење разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање на скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката. Во системот, според пишувањата на неделникот, се внесувале фиктивни пациенти, а на дел од вистинските пациенти им се давала половична терапија и на тој начин скапата биолошка терапија завршувала на црниот пазар.
По ваквите информации, Основното јавно обвинителство Скопје отвори предистрага и во петокот попладне влезе во Клиниката. Вчера соопштија дека претреси биле направени и во два приватни стана во Скопје. а биле одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација кои понатаму ќе се анализираат и вештачат.
*Други поврзани вести:
- ОЈО Скопје и полицијата ја „тресат“ Клиниката за онкологија: Се прибираат докази во рамки на предистражна постапка
- Обвинителство: Одземени се компјутери и друга документација од Клиниката за онкологија и приватни станови во Скопје
- Меџити очекува брза истрага по наводите за злоупотреби на Клиниката за онкологија
- Бесрамен и криминален начин на заработка врз грбот на пациентите, вели заменик-министерката Манолева за случајот со Онкологија
- Лекарската комора за Онкологија: Ниту еден пациент не заслужува злоупотреба на терапијата за лична корист
- ВМРО-ДПМНЕ: Бизнисот со лекови на Онкологија бил возможен само со знаење на високи структури во клиниката и во власта
- Ковачевски за Онкологија: Ваквиот тип на криминал е мултипартиски и мултиетнички
- Пендаровски: Згрозувачки се сомнежите за злоупотребите на Онкологија, крајно време е системот да се справи со криминалот
- Спасовски за случајот „Онкологија“: За вакво злосторство нема толеранција, виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени