Од ДУИ велат дека од скандалозни изјави и закани од Александар Николоски ниту Мицкоски ниту ВМРО-ДПМНЕ не се дистанцираат

Александар Николоски втор ден по ред од Собрание повикува на војна. Од овие скандалозни изјави на Николоски, слично на наративот од 27 април, ниту Мицкоски ниту ВМРО-ДПМНЕ не се дистанцираа од тие закани, се вели во денешното соопштение на Демократската унија за интеграција.
„Николовски е охрабрен од својот лидер Мицкоски кој објавува слика од заклетва во маскирна униформа, со празен калашников во рацете, и опкружен со деца и жени,при што демонстрира закани кон Албанците. Мицкоски сè уште не одговори дали има вистина во тврдењата на неговите градоначалници дека изречно им забранил да ги легализираат домовите на Албанците во тие општини иако ги исполнуваат законските услови, дека им забранил да соработуваат со албански бизнисмени и да не издаваат дозволи за градба, со порив од расистички демографски политики“,
се додава во соопштението.
Од ДУИ велат дека мртвата трка на ВМРО-ДПМНЕ со Левица на Апасиев ја разгорува етничката нетрпеливост.
„Оваа етничка нетрпеливост што ја гледаме и слушаме секојдневно на контактните емисии на македонски телевизии и тоа е директна последица на наративот и сликите на Мицкоски, Николоски, Апасиев“,
додаваат од ДУИ.