Касами посочи дека до нив стигаат информации дека Бујар Османи се обидува да го злоупотреби претседателствувањето со ОБСЕ за влијание за одлуката врз бројот на набљудувачи на изборниот процес

Владината коалиција во врска со прашањето на изборите се однесува како разгалено дете и мисли дека ако топката е во нејзини раце, може да условува.
Ова е денешниот заклучок на претседателите на Алтернативата, Беса и Демократското движење, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити, по одржаната кафе-средба во Старата скопска чаршија во врска со претстојниот изборен процес.
Изет Меџити лидерот на Демократското движење, која е дел од здружената албанска опозицијата, порача дека во Алијанса за Албанците има различни мислења околу тоа дали ќе настапат заедно на следните избори.
„Крајно време е да пресечат. Ние сме отворени и за невладиниот сектор и независните интелектуалци. Треба да одлучат дали ќе одат со власта или со опозицијата и дел од новите победи“,
порача, Меџити.
Посочија дека сакале да искажат благодарност до меѓународните сојузници кои, според Меџити, засега ја спречуваат авантурата на ДУИ за враќање на Груевски во Скопје.
„Сепак, повикуваме на будност бидејќи, како и секој друг очајник, така и ДУИ се фаќа за сламка. Нашите извори кажуваат дека ДУИ одамна е откажана од уставните измени и дека единствената причина за враќањето на Груевски е на таков начин да издејствува пазар со раководството на ВМРО-ДПМНЕ“,
кажа Меџити.
Додаде дека ДУИ се надеваат дека Груевски ќе им обезбеди позиција, и со изгубени избори да можат да издејствуваат концентрациона влада во која ќе се пазарат и со пратениците на СДСМ.
„Албанците на изборите ќе им ја испорачаат фактурата, нема прошка за кокетирањето со Груевски. Врв на лицемерство е сега ДУИ да манипулира дека Груевски ќе ни ги донесе европските вредности од Будимпешта“,
вели Меџити.
Касами посочи дека Власта е делегитимирана.
„Колку побргу се отрезнат, толку подобро за државата. Секое понатамошно инаетење ќе создаде потенцијал за уставна криза, која на среден рок ќе предизвика многу штетни последици. ДУИ и СДСМ мора да сфатат дека не се повеќе во позиција да диктираат што ќе се случува“,
порача Касами по средбата.
Додаде дека до нив како партии пристигнуваат и информации за злоупотреба на позицијата на Бујар Османи како претседавач со ОБСЕ.
„До нас стигнуваат информации дека Бујар Османи се обидува претседателствувањето со ОБСЕ да го злоупотреби за влијание за одлуката врз бројот на изборните набљудувачи на изборниот процес. Јасно порачуваме дека точно знаеме на што се подготвени за да се обидат да го заштитат нелегално стекнатото богатство“,
истакна Касами.
Гаши, пак, оценува дека без искоренување на корупцијата нема што да бараме во ЕУ.
„Нема да правиме никакви компромиси со патот на државата кон ЕУ. Вториот наш услов се работи за уставниот амандман за незастарување на политичката корупција. Нашата цел е крајно да ставиме точка на злоупотребата на функционерите и избраните и именуваните лица кои се збогатуваат со парите на народот. Ќе се бориме тоа да биде уставен амандман и тие дела да не застаруваат никогаш. И третиот наш услов се работи за формулацијата за албанскиот јазик. Ние сметаме дека таа формулација е понижувачка и кога ќе се отвори уставот таа треба да се смени. Во уставот треба да стои јасно- Албанскиот јазик, а не никакви проценти други, затоа што мислиме дека тоа не им прави никаква чест ниту на Албанците, ниту на Македонците, ниту на сите други граѓани, а е за унапредување на државата во рамки на ЕУ“,
рече Гаши.