По „прекројувањето“ на изборната мапа во почетокот на годинава, партиите од т.н. албански блок освоија вкупно четири мандати во „петката“ или двојно повеќе од 2016 година, додека двете најголеми партии во земјава изгубија по еден мандат
Вкупно четири пратенички мандати освоиле двете водечки партии/коалиции од т.н. албански блок во петтат изборна единица на гласањето во средата, од кои три за ДУИ, а еден за Алијансата.
Сметано во мандати, тоа е двојно повеќе за двете противнички партии во споредба со последните парламентарни избори во 2016 година. Тогаш, Алијансата и ДУИ обезбедија по еден мандат од „петката“. Коалицијата Алијанса/Алтернатива и сега има едно пратеничко место од оваа ИЕ, додека билансот на ДУИ е тројно повисок, односно оваа партија сега има три мандати од „петката“, каде што на чело на кандидатската листа беше досегашниот претседател на парламентот Талат Џафери.

Во однос на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во петтата ИЕ соодносот остана нерешен (8:8), но затоа и двете партии сега изгубија по еден мандат во споредба со 2016 година.
Непосредно пред распишувањето на 10. парламентарни избори, парламентарните партии постигнаа договор за измени на Изборниот законик, односно за “прекројување“ на петата и на шестата ИЕ. Така, сите избирачки места од општините Дебар и Маврово-Ростуше преминаа од шестата ИЕ во „петката“.


Во шестата ИЕ, пак, се забележуваат најголеми поместувања во однос на распоредот на сили меѓу водечки партии / коалиции, во споредба со изборите во 2016 година.

Во „шестката“ ДУИ сега има мандат плус , а Алијансата за Албанците дури четири мандати повеќе отколку пред четири години.
