Од ДУИ велат дека „Вреди“ не ги интересира ниту Европа, ниту владеењето на правото, ниту реформите, туку само „партизацијата на судството и институциите за да им служи на нивните коруптивни апетити“
Двата партиски предлози на „Вреди“ за членови на Советот на обвинители не ги исполнуваат условите, се вели и во денешната реакција на Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Во денешното соопштение, од ДУИ го осудуваат отворениот обид на „Вреди“ да ги измами граѓаните и пратениците со партиски кандидати за членови на Советот на обвинители.
Од партијата, со писмената реакција испраќаат и фотографии, за кои велат дека се доказ за Ардијан Демири за неговото политичко-партиско дејствување во Демократското движење на Изет Меџити.
„Сите јавни настапи на Демири го прават недостоен да носи толку важна функција“,
велат од ДУИ.
За другиот кандидат, Ведат Салихи, за кој од ДУИ велат дека исто така е член и поддржувач на Вреди, сметаат дека согласно законот не ги исполнува условите за работен стаж. Исто така велат дека по завршувањето на конкурсот доставил дополнителни документи.
Од ДУИ велат дека „Вреди“ не ги интересира ниту Европа, ниту владеењето на правото, ниту реформите, туку само „партизацијата на судството и институциите за да им служи на нивните коруптивни апетити“.
Оттаму велат дека веќе ги алармирале пратениците, граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница за начинот на размислување на челниците на „Вреди“ да ги партизираат судството и обвинителството со партиски експоненти.
„Ја повикуваме Европската Унија да реагира на власта без етнички легитимитет и Собранието за овие постапки кои нè оддалечуваат од Европа и европските вредности. ‘Заробената држава’ никогаш не треба да се повтори“,
се вели во денешното соопштение од ДУИ.
Од партијата и вчера реагираа предлогот за член на Советот на обвинители да биде предложен Ардијан Демири, член на Демократското движење на Изет Меџити, кое е дел од коалицијата „Вреди“. Со тоа, како што рекоа од ДУИ, се прави обид за брутална партизација на судството и Обвинителството преку партиски интервенции во Советот на обвинители.
Вчера, на собраниската веб-страница можеше да се види дека од пленарната седница закажана за 12 ноември е повлечен предлогот за избор на членови на Советот на јавните обвинители.
„Ве известувам дека во електронска форма е доставен дописот на претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата со кој известува дека го повлекува предлогот за избор на членови на Советот на јавните обвинители“,
информира Гаши.
Дека двајца нови членови на Советот на обвинители добија зелено светло од собраниските комисии и оти останува пратениците да го потврдат нивниот избор, објави „Призма“.
Комисиските филтри, како што се вели во текстот, ги поминале струшкиот адвокат Ардијан Демири и истражителот од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ведат Салихи.
Според Законот за јавните обвинители, за член на Советот на обвинители се избираат универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставниот суд, меѓународни судии и други истакнати правници.
Собранието пред два месеци распиша оглас за членови што ги избира во Советот на јавните обвинители од редот на немнозинските етнички заедници.