Реакцијата на ДУИ следува откако ВМРО-ДПМНЕ, која во техничката влада има двајца министри и тројца дополнителни заменик-министри, денеска повторно го оспори изборот на Џафери на премиерската функција, оценувајќи оти тој е недостоен за оваа позиција
Владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ), од чии редови доаѓа новоизбраниот премиер на техничката влада Талат Џафери, денеска му порача на, како што велат, својот помал владин партнер ВМРО-ДПМНЕ да не се вознемирува оти Владата, според ДУИ, е легитимна, стабилна, демократски избрана и во сигурни раце.

Реакцијата на ДУИ следува откако ВМРО-ДПМНЕ, која во техничката влада има двајца министри и тројца дополнителни заменик-министри, денеска повторно го оспори изборот на Џафери на премиерската функција, оценувајќи оти тој е недостоен за оваа позиција. Оттаму обвинија и дека од изборот на Талат Џафери за технички премиер, СДСМ и ДУИ во Собранието направиле приватна партиска забава на државен трошок со злоупотреба на собраниската ложа и просториите на парламентот, но и на службените возила.
ДУИ, пак, ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека шири лажни вести и дека поттикнува забуни и пропаганда.
„Денешните пропагандистички и панични реакции на нашиот помал партнер во Владата, ВМРО-ДПМНЕ, служат само за за поттикнување на забуни и се во функција на нивната кампања на сеење страв преку лажни вести. Недржавничкото постапување во Собранието на опозицијата докажа дека ВМРО-ДПМНЕ не ги почитува ниту граѓаните, ниту законите, ниту Уставот“,
велат од ДУИ.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ, која во техничката влада има две министерски и три дополнителни заменик-министерски позиции, се воздржа од гласање на вчерашната собраниска седница на која се избираше преодната влада. Двајцата министри на ВМРО-ДПМНЕ, за внатрешни работи и за труд и социјална политика, отсуствуваа од заедничката фотографија на новиот владин состав, а не беа ниту на приемот кај претседателот Стево Пендаровски.