Граѓаните имаат право да ги видат тројцата кандидати за премиер на ТВ-дебата, па затоа ја повикуваме Агенцијата за медиуми да обезбеди демократски и еднакви стандарди, порача денеска портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, апелирајќи за рамноправното медиумско покривање на сите партии и за еднаков третман на сите кандидати за премиер.
„Првпат во историјата на граѓаните на Северна Македонија им е овозможено да изберат повеќе од две опции за премиер. Првпат за оваа позиција се натпреваруваат не само кандидатите од двете македонски партии кои ја бараат оваа позиција, туку и непартиски и независен кандидат – Албанец“,
изјави Османи.
Тој нагласи дека првиот премиер Албанец ќе биде премиер не само на Албанците во земјава, туку и на сите граѓани на Република Северна Македонија. Според него, независниот и непартиски премиер не претставува само понуда за албанскиот електорат, туку и за сите граѓани на земјава, кои се незадоволни од „политичкиот дуопол, што ја држеше земјата заглавена во политичката војна долги години“.
„Ова е најсилниот симбол за она што го нарекуваме – еднаква држава. Тоа е сигнал и за ЕУ дека нашата земја е подготвена да се приклучи на европското семејство, затоа што ги надминавме национализмот и етничките поделби. Понудата за граѓаните со нова можност, трета опција, е несомнено важен чекор во напредокот и развојот на демократијата, поради што ги повикуваме Мицкоски и Заев да излезат на јавна дебата, каде ќе можат сите тројца кандидати да ги претстават и да ги соочат нивните идеи за иднината на нашата земја“,
истакна Османи.