Претседателот Стево Пендаровски, престедателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски со честитка до граѓаните по повод Денот на македонската револуционерна борба
Претседателот на државата Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Во честитката тој наведува дека на овој ден се потсетуваме на храбрите млади луѓе кои, не можејќи да се помират со тешката состојба на обесправениот македонски народ, во 1893 година ја формираа Македонската револуционерна организација.
„Инспирирани од оваа идеја, генерации родољуби се вклучија во долгата борба за слободна македонска република, втемелена врз идеалите на правда, слобода и достоинствен живот во која ќе има место за секој маж и жена, независно од народност, јазик и вера. Таа храбра визија што ги поврза Илинден 1903 и АСНОМ 1944, конечно се реализираше на 8 септември 1991 година во независната македонска држава“,
вели шефот на државата Пендаровски.
Пендаровски нагласува дека нашата генерација минува низ период на длабоки глобални предизвици и голема неизвесност. Европа и светот, посочува, се соочуваат со економска и енергетска криза што беа иницијално предизвикани од пандемијата, но, драстично продлабочени поради војната во Украина.
„За успешно да се справуваме со овие предизвици треба да се помириме и сплотени околу заедничката цел секојдневно и посветено да ја градиме Република Северна Македонија како напредна европска држава со развиена демократска култура, одржлива економија и транспарентни институции. Како земја во која ќе владее правото, а неправдата е санкционирана, во која младите генерации ќе можат достоинствено да живеат со еднакви можности за напредок“,
вели Пендаровски.
„Учиме од историјата и чекориме силно и храбро кон иднината“, пишува премиерот Димитар Ковачевски во својата честитката до граѓаните.
„На Денот на македонската револуционерна борба, 23-ти Октомври, со гордост се сеќаваме на храброста и истрајноста на македонските револуционери во борбата за независност и македонска државност. Без македонските револуционери, нивната прогресивност, нивната силна желба за слобода и правда, незамислив е континуитетот на ослободителната борба и вековниот идеал за независна македонска држава“,
се вели во честитката на Ковачевски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери го честита празникот лично и од името на пратениците во Собранието.
„Споменот на старите битки кои не довеле до тоа што сме сега, нека биде потсетник и наш учител за новите секојдневни битки кои ги водиме во животот. Нека бидат поука дека заемното почитување, разбирање, единственоста и заедништвото во напорите за градење на современа, демократска и напредна држава единствено може да не вброи во земјите со успешна приказна. Направивме исклучително тешки чекори, нови и непознати стојат пред нас, меѓутоа, ако сме искрено и заедно на тој пат, ништо нема да нè поколеба!“,
вели Џафери.