Претседателката на Синдикалната организација на Државниот испитен центар на денешната прес-конференција изјави дека од 270 000 до 300 000 денари од нивниот буџет биле резервирани за зголемените плати од 78 отсто на функционерите, додека на последниот состанок што го имале со Министерството за образование и претставници од Министерството за финансии на ДИЦ им било понудено зголемување на платите од 1 000 денари по вработен, што не било прифатено
Министерот за образование Јетон Шаќири, пак, денеска пред новинарите изјави дека вработените во Државниот испитен центар може да продолжат со своите барања, но притоа да не го доведуваат во прашање полагањето на државната матура
Од Синдикалната организација на Државниот испитен центар (ДИЦ), кој веќе две недели е во генерален штрајк со барање за зголемување на платите, велат дека веќе е невозможно да се реализираат роковите за полагање на државната матура. Затоа, како што соопштија денеска на прес-конференција, бараат од надлежните институции да излезат во пресрет на нивните барања и истовремено да се пролонгираат роковите за полагање на државната матура.

Датумите за полагање на државната матура се 27 мај и 10 јуни.
Претседателката на Синдикалната организација на ДИЦ, Емилија Бошковска, на прес-конференцијата повторно информираше за двата состанока што минатата недела ги имале со Министерството за образование и со Министерството за финансии, кои завршиле без исход. На вториот состанок, кој се одржал минатиот четврток и на кој присуствувал и министерот за образование Јетон Шаќири, на претставниците на Синдикатот им било понудено зголемување на платите од 1 000 денари по вработен, што, како што рече Бошковска, била црвената линија на Министерството за финансии, а не било прифатено од нивна страна.
Она што е најново, рече Бошковска, е што од нивниот буџет (на ДИЦ) биле резервирани средства за покривање на платите на функционерите кои беа зголемени за 78 отсто.
„Значи некаде од 270 000 до 300 000 денари се веќе резервирани за нивните плати, а за нас се планирани 1 000 денари по човек“,
рече претседателката на Синдикалната организација на ДИЦ и додаде дека нивните барања за зголемување на платите биле околу 400 000 денари вкупно.
Поради ваквата ситуација, веќе се истечени роковите што тие како вработени ги предвиделе и им се потребни за реализација на работите од нивна надлежност, особено со процесот за државната матура.
„Пресметките се дека е веќе невозможно да се постигнат тие датуми кои се ставени во календар, односно 27 мај е многу тешко изводлив, да не речам воопшто неизводлив и од таа причина бараме промена на календарот за полагање на државната матура и промена на датумите. Тоа би значело автоматски и пролонгирање на резултатите бидејќи добар дел од процесите се врзани со оценувачите и тестатори, не е само печатењето на тестовите, туку има добар дел од процесите кои се врзани со надворешни лица, а нашето нефункционирање во овој момент подразбира дека нема да стигнеме ниту со резултатите. Од таа причина бараме веќе министерот за образование да почне да разгледува и да преговара со нас кои се следни опции и можни термини за државната матура. Искрено се надевам дека ова пролонгирање нема да биде големо и дека ќе зависи нормално од нивниот одговор, односно од одговорот на Министерството за финансии“,
рече Бошковска.
Таа изјави дека штрајкот продолжува, а на прашање од новинарите дали има притисоци за негов прекин, Бошковска одговори кажа дека има несогласувања, но оти сè уште се здружени и поголем дел од вработените, дваесетина вработени сè уште се дел од штрајкот.
На прашањето, што доколку не бидат пролонгирани роковите за државната матура, од Синдикалната организација велат дека тие не бараат нивно пролонгирање, туку само укажуваат дека датумите кои се предвидени сега не можат да ги постигнат.
„Има толку многу активности кои се поврзани една со друга и сите вработени се неопходни во тој процес. Веќе заостануваме, затоа апелиравме постојано од таа причина, затоа што не сакавме да се доведеме во ситуација да се договориме, а всушност ние да не можеме да го реализираме тоа. Подготвени сме да работиме деноноќно да ги реализираме обврските особено кон државната матура, не сакаме да им наштетиме на матурантите со било какво пролонгирање на резултатите, но во прашање се веќе минути, а не денови. Ние не бараме, ќе повторам ние не бараме пролонгирање. Ние во петокот најавивме дека е возможно со екстра напори нешто да постигнеме, сега не бараме пролонгирање, сега укажуваме дека овие датуми е речиси невозможно да ги постигнеме“,
кажа Бошковска.
Последната можност, како оптимален период во кој би можело да се направи нешто со рокот за државна матура, со вложен екстранапор би бил денешниот ден, но тоа ќе зависи од Министерството за финансии и Министерството за образование, ако денеска им излезат во пресрет на нивните барања.
„Денеска ако почнеме би направиле нешто да ги постигнеме датумите, но со денешниот ден не можам ништо повеќе да кажам во тој дел. Ќе зависи од заедничките напори и договорот помеѓу Министерство за финансии и Министерство за образование…Ние можеме да работиме со двојно работно време, сме го правеле тоа и други години, но тоа во принцип сме го правеле од ентузијазам. Процесот е тој, ние сме тие што треба да го завршиме и сме го работеле и навистина сме си ја сакале работата. Во овој момент луѓето немаат ентузијазам, ниту пак се чувствуваат одговорни. Ако државата смета дека не сме важни, зошто ние да се жртвуваме да работиме по 20 часа“,
изјави Бошковска одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот за образование Јетон Шаќири, пак, денеска пред новинарите изјави дека вработените во Државниот испитен центар може да продолжат со нивните барања, но притоа да не го доведуваат во прашање полагањето на државната матура.

Тој апелираше вработените да го почекаат општиот колективен договор кој, како што рече, можеби ќе биде подобар од сегашните услови што им ги нуди Министерството за финансии.
Шаќири рече дека дел од вработените се вклучиле при полагањето на испитите за директори, кои се во надлежност на ДИЦ, и тие биле во законски рок.
„Истото би го побарал од истите тие вработени. Со Министерството за финансии да се најде начин за нов колективен договор, но истовремено очекуваме што побрзо да се потпише и Општиот колективен договор кој веќе е најавен и за другите сектори. Во момент кога дискутираме, тоа да не го поврзуваме со датумот на државната матура“,
рече министерот за образование и наука одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на конференцијата за италијански јазик во Ректоратот на УКИМ.