Повикот на Мицкоски за морал има тежина колку и неговата доследност – никаква. Истата партија што денес бара одговорност од прв до последен, по трагедијата во Кочани со сите сили ги бранеше сопствените функционери, обвинуваат од партијата на Апасиев

Владата мора да ги стави во функција сите државни капацитети и да остане целосно вклучена сè додека не биде докажано дека водата во Гостивар е безбедна, велат од Левица по масовното труење во градот, поради што е прогласена епидемија.
Оттаму посочуваат дека кога во прашање се животот и здравјето на цел град, формалното разграничување на ингеренциите не може да служи како алиби за политичка пасивност.
„Обезбедувањето 50 илјади литри флаширана вода никако не е исцрпување на можностите на централната власт. Водата во шишиња не ја прочистува загадената мрежа, не ги испира цевководите, не врши дезинфекција и не спречува ново загрозување. Сведувањето на државната реакција на дистрибуција на вода покажува загрижувачка рамнодушност кон сериозноста на проблемот. Наместо Владата веднаш да обезбеди сеопфатна техничка помош, да воспостави непрекинат надзор над прочистувањето и да гарантира дека секоја фаза од санацијата се спроведува стручно, Мицкоски ја префрла тежината врз локалното јавно претпријатие“,
велат од Левица.
Од партијата обвинуваат дека власта се дистанцира, оти ја нема локалната власт во Гостивар.
„Каде е Центарот за управување со кризи во целата состојба? Над илјада заболени лица, сомнение за контаминација на градскиот водовод, забрана за користење на водата и десетици илјади жители изложени на неизвесност очигледно не биле доволни за ЦУК да добие видлива оперативна улога. За какви околности постои оваа институција? Да беше Гостивар управуван од градоначалник на ДПМНЕ, несомнено ќе гледавме министри, директори, механизација и камери на секој чекор. Владата ќе ја претставуваше секоја интервенција како доказ за сопствената ефикасност. Бидејќи локалната власт не е нивна, Мицкоски се ограничува на делење лекции, префрлање на товарот и собирање евтини политички поени врз маката на гостиварци… Повикот на Мицкоски за морал има тежина колку и неговата доследност – никаква. Истата партија што денес бара одговорност од прв до последен, по трагедијата во Кочани со сите сили ги бранеше сопствените функционери“,
велат од Левица.
Претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски посочи дека локалната власт во Гостивар треба да поднесе морална одговорност, а јавното претпријатие „Комуналец“ во градот да започне со чистење на системот за да се обезбеди техничка вода за граѓаните.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, денеска изјави дека ќе бидат обезбедени три шлепери со вкупно 76 000 литри вода за пиење, а во наредните денови количините ќе се зголемуваат според потребите.
Според него, Владата од првиот момент е во постојана координација со сите надлежни институции и го следи развојот на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар.
