Со оваа субвенција од третиот пакет антикризни мерки ќе се финансираат 25% од инвестицијата што овие фирми ќе ја направат од март 2020 до декември 2021 година
Вкупната најавена инвестиција на овие фирми е 89,2 милиони евра
Четиристотини фирми ги исполниле условите за државна субвенција на 25 проценти од инвестициите што планираат да ги направат во периодот на ковид-кризата, до крајот на 2021 година, објавија денеска премиерот Зоран Заев и економските министри во Владата.

Овој вид државна помош е од третиот пакет антикризни мерки донесени во време на вонредна состојба и го опфаќаат периодот од март годинава, кога започна кризата до декември следната година. Наменета е за фирми од приватниот сектор, кои успешно работат и во време на криза, за развој преку инвестиции и за зајакнување на конкурентноста.

„Целта на оваа мерка е зголемување на продуктивноста на компаниите, модернизација на процесите и подобрување на конкурентноста и можностите за извоз, а тоа значи како крајна цел отворање на нови работни места и задржување на постојните“,
изјави Заев.
За оваа мерка Владата ќе издвои 17,2 милиони евра субвенции, кои ќе поддржат вкупна инвестиција од компаниите во висина од 89,2 милиони евра.
Инвестирањето на средства и во услови на криза покажува дека компаниите се приспособуваат за да дејствуваат кон сопствен развој и за побрзо заздравување на домашната економија.

Министерот за економија Крешник Бектеши објасни дека на конкурсот, кој траел до 31 јули, за оваа мерка се пријавиле 700 компании, но само 400 се одобрени и за кои ќе се поделат 17,2 милиони евра субвенции.
Министерството за економија веќе ги подготвува договорите и од понеделник сите фирми ќе бидат повикани да ги потпишат, по што во рок од 15 дена ќе ги исплати сумите.