Само 14% од жените во земјава на возраст од 15 до 49, а кои се врска или брак, користат модерна контрацепција како начин за планирање на семејството. Најшироко употребувана контрацепција е т.н. „повлекување“, односно прекин на односот пред ејакулација, соопштија денеска од невладината организација ХЕРА
Дури и кај пратениците и пратеничките од различни етнички и верски средини има консензус дека секој граѓанин треба да има пристап до бесплатни контрацептивни средства, во функција на заштита од сексуално преносливи болести но и планирање на семејството. Па сепак, државата никако да го исполни ваквото ветување кое се наоѓа и во редица документи и во програмата на Владата
Кондомите треба да бидат бесплатни и достапни за секого во здравствените установи, а контрацептивните пилули вклучени на позитивната листа на лекови. Ова се барањата што беа упатени од денешната национална конференција „Контрацепција на позитивната листа! Зошто сè уште не сме спремни?“, во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување. Зад иницијатавата застана коалиција од повеќе невладини организации.
„Иако државата се обврза да воведе модерни контрацептиви на позитивната листа уште во 2010 година со Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје 2010-2020, со жалење констатираме дека 12 години подоцна ниту една Влада не успеа да го подобри пристапот до контрацепција“,
велат од ХЕРА.
Владата и сите одговорни институции, додаваат од ХЕРА, треба во најкус можен рок да пристапат кон остварување на бројните ветувања што ги имаат дадено како потписници на меѓународни документи, но и на задачите што самите си ги поставиле во рамки на националните стратегии.
Ова подразбира отпочнување на процесот на ревидирање на Позитивната листа на лекови заради нејзино проширување со најмалку едно модерно контрацептивно средство, со што би се подобрила универзалната покриеност со здравствена заштита, особено на најранливите граѓани кои немаат пристап до услуги за семејно планирање, нагласуваат од ХЕРА.
Анализите кои ги направила ХЕРА покажуваат дека во земјава, само 14 отсто од жените на возраст од 15 до 49 години, кои се во врска или во брак, користат модерна контрацепција, а најшироко применуван метод на контрацепција е методот на „повлекување“, односно прекинување на незаштитениот сексуален однос пред ејакулација.
Според податоците на ХЕРА, во периодот од 2011 до 2018 година се намалува користењето на модерната контрацепција кај нас, вклучително и на оралната контрацепција и на спиралата: во 2018 година, машки кондом користеле само 10 отсто од паровите.
Наспроти оваа реалност, додаваат од ХЕРА, која директно ја загрозува репродуктивната слобода на сите граѓани, стои фактот дека и покрај ветувањата на Владата од 2017 година, и натаму ниту едно контрацептивно средство не е достапно на товар на Фондот за здравствено осигурување.
„Иако во 2020 година беше изменет Законот за здравствено осигурување со што се олесни начинот на ревидирање на Позитивната листа на лекови, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство се‘ уште немаат оформено соодветна Комисија ниту донесено Правилник за Позитивната листа“,
велат од ХЕРА.
Како последица на ова, додаваат од таму, граѓаните во Македонија плаќаат 42 отсто од вкупниот трошок за лекови и 100 отсто од вкупниот трошок за средствата за модерна контрацепција што се достапни во земјава.
„И покрај ваквите податоци, буџетот за програмите преку кои Владата обезбедува орална контрацепција, спирали или кондоми и тоа само за исклучително ограничен број жени од социјално ранливи категории и за жени со повторливи абортуси, се намалува. Па така, од 150 жени во 2018 година, во 2020 и 2021 година бројката паѓа на само 50 жени кои добиле бесплатни контрацептиви и тоа само преку здравствените установи на секундарно и терциерно ниво“,
истакна Драгана Каровска Чемерска, програмска раководителка во ХЕРА.
Според проф. д-р Ана Данева Маркова, претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство факт е дека репродуктивното здравје е особено важно не само за поеднинецот, туку и за општеството.
„Сите европски земји го имаат тоа како предизвик, како до подобро репродуктивно здравје. Нашата држава, особено во 2020 година, бележи пораст во однос на нијансирањето што го прави во однос на здравствените политики кои се однесуваат на подобрување на репродуктивното здравје, особено со новиот закон за медикаментозен абортус. Секако дека постојат предизвици и во нашата држава и во останатиот европски регион затоа што се уште е недоволен процентот на жени во реподуктивна возраст кои имаат интерес за користење на сите услови за семејно планирање“,
рече Данева Маркова.
Според неа сите здравствени работници треба ќе продолжат правилно да ги спроведуваат политиките во насока на тоа што значи модерна контрацепција, кои се и неконтрацептивните предности зошто само на тој начин ќе се надмине, односно ќе се постигне бројката или опфатот за услуги за семејно планирање кои што ги заслужуваат жените, додаде Данева Маркова.
На темата контрацепцијата, Центарот за истражување и креирање на политики (ЦРПМ) направил и истражување користејќи го т.н. метод на елитни интервјуа, со репрезентативен примерок на пратеници и пратенички во Собранието на РСМ.
„Овие интервјуа ни покажаа дека пратеничките кои имаат различни идеолошки ставови се согласуваат дека контрацепцијата е право на мажите и жените да имаат пристап до и да користат современи контрацептивни средства и тоа заради заштита од сексуално преносливи инфекции и заради планирање на семејството“,
рече Ристеска.
Употребата на овие современи контрацептивни средствам според истражувањето, нагласи таа, може да превенира абортуси и рани тинјџерски бремености што е многу важно како социјално влијание.
„Интересно е дека истражувањето ни покажа дека помеѓу пратениците и пратеничките без разлика дали доаѓаат од различни партии имаме консензус околу тоа презервативите да бидат достапни и бесплатни за секого во здравствените установи. Тоа е првото нешто што како коалиција ќе го застапуваме да биде внесено во планот кој ќе овозможи бесплатна контрацепција“,
нагласи Ристеска.
Според неа матичните лекари, гинеколози, уролози, дерматовенеролози и патронажни сестри исто така треба да имаат пристап до овие средства за да можат да ја вршат својата задача, но и да превенираат несакана бременост и сексуално преносливи болести.
Контрацепртивните пилули, додава таа, треба исто така да се стават на позитивната листа на лекарства.
„За ова имаме консензус во политичките партии што ги истражувавме и кои се во Парламентот без разлика на тоа дали се од опозицијата или од владиното мнозинство. При тоа сметаат дека советувањето не треба да биде задолжително, туку да биде опционално за секој оној кој ќе побара да биде советуван во однос на планирањето на семејството. Треба да се работи на градење на свест и на култура на превенција за самите граѓани да бараат вакво советување. Исто така, политичките претставници кои ги истражувавме се согласни дека треба да има поголема достапност на различни современи контрацептивни средства“,
рече Ристеска.
М-р Ирина Луческа посочи дека Индексот за Македонија, со кој се изразува потребата за семејно планирање, задоволена со модерни методи во рамки на генералниот национален „Индекс на универзална здравствена покриеност“, е оценет со 25, при што во светски рамки полош индекс од ова имаат само Албанија, Јужен Судан, Сомалија и Чад.
Овој поразителен факт може да се илустрира со податокот од Заводот за мајки и деца при Здравствениот дом – Скопје според кој во 2020 година бил преполовен бројот на совети за планирање на семејството во примарната здравствена заштита.
Оттука нашата Влада и сите одговорни институции треба во најкус можен рок да пристапат кон остварување на бројните ветувања што ги имаат дадено како потписници на меѓународни документи, но и на задачите што самите си ги поставиле во рамки на националните стратегии. Ова подразбира отпочнување на процесот на ревидирање на Позитивната листа на лекови заради нејзино проширување со најмалку едно модерно контрацептивно средство, со што би се подобрила универзалната покриеност со здравствена заштита, особено на најранливите граѓани кои немаат пристап до услуги за семејно планирање, нагласуваат од ХЕРА.