Националната агенција пратила барање и до Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии за доставување на информации во врска со извршените проверки на ОЛАФ од каде им било соопштено дека предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и е во предистражна постапка

Поврат на 2,2 милиони евра ќе треба да изврши Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за средства злоупотребени преку програмата „Еразмус плус“. Националната агенција, во текот на овој месец добила известување за конечност на одлуката откако претходно на 30 ноеври 2023 година по електронска пошта од Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) биле информирани за барањето за поврат.
Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓоргиевски вели дека во известувањето биле информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата „Еразмус плус“ финансирани од Европската комисија.
„Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2 276 212 евра кои биле доделени како грантови во временскиот период од 2016 до 2018 година“,
рече Ѓоргиевски на денешната прес-конференција.
Откако го добиле известувањето, Ѓоргиевски рече дека Агенцијата го контактирала Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија и побарала дополнителни информации поврзани со извештајот на ОЛАФ. Целта, како што рече Ѓоргиевски, била „да ги дефинира следните чекори и се што е потребно да се преземе како институција во однос на нивните наоди, но и да побара насоки како ќе се спроведува повратот на средствата доколку барањето за истото се финализира“.
Исто така, тој рече дека Националната агенција пратила барање и до Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии за доставување на информации во врска со извршените проверки на ОЛАФ од каде им бикло соопштено дека предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Од таму не информираа дека до Управата за финансиска полиција е пристигнат извештај од ОЛАФ и дека тој е доставен до надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Во март Националната агенцијата доби известување за конечноста на одлуката за поврат на средства од имот за борба против измами од Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура согласно извештајот на ОЛАФ“,
додаде Ѓоргиевски.
Тој вели и дека откако биле информирани за случајот, заедно со Владата, преку интензивна комуникација и координација со релевантни европски институции, се бара најсоодветно решение како да се реализира овој поврат и како да не се повторуваат вакви случаи во иднина.
На прашањето дали се знае за кои организации или училишта станува збор, Ѓоргиевски повтори дека има предистражна постапка и оти во тоа се вклучени 22 проекти односно апликации и побара разбирање за тоа дека не може да сподели повеќе детали во однос на овој предмет за кој, како што рече, е во интерес за севкупната јавност.
Ѓоргиевски нагласи дека Агенцијата е отворена за соработка и со сите нивни ресурси и документација им стои на располагање на Обвинителството што го истражува предметот и на Управата за финансиска полиција.
Ѓоргиевски кажа дека сите повици и активности на Агенцијата се транспарентни и во насока на заштита на ЕУ-фондовите, а меѓу нив и јавна кампања за анонимно пријавување неправилности во имплементација на проектите. Дека се на добар пат во нивните стремежи, според Ѓоргиевски, се забележува и од последните ревизорски извештаи на Европската комисија.