Од Врховниот суд сметаат дека вака досудениот износ на име надомест на нематеријална штета претставува сатисфакција за ублажување на душевните болки на тужителот поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор
Поранешниот разузнавач Зоран Верушевски од државата треба да добие по пет илјади денари за секој од 344. дена поминати во притвор во 2015 година за предметот „Пуч“ откако Врховниот суд делумно го усвои неговото барање за ревизија на надоместокот на нематеријална штета за неоснованото лишување од слобода и нарушениот углед и чест.
„Се задолжува тужениот Република Северна Македонија на тужителот Зоран Верушевски, на име нематеријална штета за претрпени душевни болки поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, да му исплати паричен надоместок во износ од 1 720 000 денари“,
се вели во пресудата на Врховниот суд објавена на 3 јули годинава.
Средствата, како што се наведува во пресудата, треба да бидат исплатени со законска казнена камата во висината на референтната стапка на Народна банка на Северна Македонија, која за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие зголемена за осум процентни поени, сметано од денот на пресудувањето – 26.5.2021 година, до конечната исплата, во рок од 15 дена по приемот на пресудата.
Врховниот суд, исто така, го одбива како неосновано барањето на Верушевски за надомест на нематеријална штета за претрпени душевни болки поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, за разликата од досудениот износ од 1 720 000 денари, до износот од 2 580 000 денари, со законска казнена камата сметано од 26.5.2021 година, досуден со првостепената пресуда.
Државата, исто така, се задолжува на Верушевски да му ги надомести парничните трошоци во постапката во вкупен износ од 227 642 денари.
Во пресудата Врховниот суд го одбива ако неосновано поголемото тужбено барање на Верушевски за надомест на разликата од досудениот до побараниот износ од 4 104 000 денари.
Во образложението на пресудата Врховниот суд појаснува дека по проучување на списите по предметот, наводите во ревизијата и одговорот на ревизија, испитувајќи ја побиваната пресуда во смисла на член 377 став 3 од Законот за парнична постапка, утврдил дека е основан ревизискиот навод за погрешна примена на материјалното право од страна на пониските судови, а со оглед на утврдената фактичка состојба од првостепениот суд, прифатена во целост и од второстепениот суд.
„Имајќи ги предвид сите околности на конкретниот случај, особено интензитетот и времетраењето на душевниот бол кој го трпел тужителот поради неоснованото лишување од слобода во поглед на нарушениот углед и чест, утврдени врз основа на лекарскиот наод и мислење на проф. д-р А.Н., и периодот на изречената мерка притвор во траење од 344 дена сметано од 23.01.2015 година до 31.12.2015 година, Врховниот суд на Република Северна Македонија утврди дека на тужителот му следува справедлив надомест за претрпен душевен бол поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор во вкупен износ од 1 720 000,00 денари или по 5 000 денари од ден за секој ден притвор“,
се вели во образложението на пресудата на Врховен.
Овој суд, додаваат оттаму, смета дека вака досудениот износ на име надомест на нематеријална штета претставува сатисфакција за ублажување на душевните болки на тужителот поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, тој е справедлив и не е во спротивност на природата на правото на надоместокот, ако се има предвид значењето на повреденото добро и целта за која служи овој надоместок.
При одлучувањето, од Врховниот суд посочуваат дека при состојба кога со правосилно решение на Основниот суд Скопје 1 од 20.1.2017 година била запрена кривичната постапка поведена против обвинетиот – сега тужител, а со пресуда на Основниот суд Скопје 1 од 30.1.2018 година, било одбиено обвинението спрема обвинетиот – сега тужител, според наоѓањето на овој суд, во конкретниот случај не е спорна пасивната легитимација на тужениот.