Дали законот што го поднесе Беса ќе остане заглавен во процедура или одредбите од него ќе бидат претворени во амандмани и така ќе бидат внесени во решението што го предлага Владата – засега само во насока на усогласување со уставните амандмани и со Законот за употреба на јазиците
Нови измени на Законот за лични карти, предложени од Владата, стигнаа на дневен ред во Собранието. Со измените што ги предлага Владата оваа регулатива, всушност, се усогласува со Законот за употреба на јазиците и со уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор, додека измените што ги поднесе владејачката Беса, а кои предвидуваат во личните документи да може да стои и етничката припадност на граѓаните, се заглавени во парламентот, односно се блокирани со над илјада амандмани на опозициската Левица.
Според информации на „360 степени“, потребата од координација меѓу коалициските партнери во Владата, во однос на двете паралелни законски решенија за личните карти е една од причините поради кои денеска беше откажана седницата на собраниската Комисија за политички систем, каде што требаше да се разгледува владиниот предлог-закон, кој е во прва фаза од постапката. Законот на Беса, пак, кон кој се приклучија и опозициските Алијанса/Алтернатива, беше пуштен во собраниска процедура по скратена постапка.
Кои се решенијата што ги предлага Владата
Во предлог-законот што го подготви МВР се посочува дека, по донесување на Уставниот закон и на Законот за употреба на јазиците, е потпишана Рамковна спогодна за набавка на хардвер и софтвер за лични документи (лични карти, патни исправи, возачки дозволи и дозволи за престој на странци), за чија реализација се обезбедени финансиски средства од буџетот во износ од 6 563 436 евра и веќе, согласно утврдена временска динамика, се врши исплата. Овие средства се однесуваат за целиот пакет на лични документи, а финансиските средства, како што се посочува, се враќаат согласно со динамиката на издавање на личните документи на граѓаните.
Личните карти во кои стои ,,Република Македонија“ ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во личната карта, но најдоцна до 12 февруари 2024 година. Овој закон планирано е да почне да се применува од 1 јули година.
Со предлог-измените, исто така, се предвидува:
- За граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот, што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, по службена должност, образецот на личната карта се печати и на тој јазик и писмо
- На граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот, што го зборуваат помалку од 20% од граѓаните на Република Северна Македонија, образецот на личната карта се печати и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот. За овие граѓани, на нивно лично барање, податоците за личното име што се внесуваат на личната карта се запишуваат и на јазикот и на писмото што го употребува граѓанинот.
Што се случува со предлогот на Беса
Со Преспанскиот договор и уставните амандмани, всушност, е поврзан и предлог-законот со кој се предвидува во личните карти да може да стои и етничката припадност на граѓаните, со оглед на тоа што станува збор за обид да се реализира договорот меѓу Владата и Беса (која беше во опозиција во претходниот собраниски состав) за поддршка на измените на Уставот.
Но овој предлог-закон е блокиран со над илјада амандмани што ги поднесе Левица, додека единствениот амандман што го поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ предвидува старото уставно име на државата „Република Македонија“ да остане во личните карти во периодот до кога е предвидено да трае имплементацијата на Преспанскиот договор. Со прифаќање на овој амандман, ВМРО-ДПМНЕ ја условува својата поддршка за предлог-законот на Беса, во ситуација кога повеќето коалициски партнери на СДСМ во парламентот изразија резерва за внесување на етничката припадност во документите за идентификација, оценувајќи дека тоа е спротивно на граѓанскиот концепт.
Реагираше и претседателот Стево Пендаровски, при што посочи дека такви решенија нема во ниту една демократија, но рече дека тој, сепак, ќе го потпише законот за лична карта доколку тој биде усвоен во регуларна процедура.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, пак, предупреди дека општата регулатива за заштита на лични податоци, која стапува во сила во август годинава, забранува споделување лични податоци, како расна, етничка, политичка и верска припадност.
Како ќе се усогласат двата закона
Од пратеничката група на Беса велат за „360 степени“ дека се разгледуваат варијанти за деблокада на нивното решение за личните карти. Една од опциите е амандманите што ги поднесе Левица да се групираат, на пример, според членовите на кои се однесуваат, и да се разгледуваат наеднаш.
Доколку има договор меѓу партиите, не се исклучува ниту можност решенијата кои предвидуваат во личната карта да стои етничката припадност да се внесат во владиното решение, преку амандмани, кога законот ќе стигне во втора фаза во Собранието. Во таква ситуација не се исклучува ниту можност законот што го подготви МВР да биде вратен во Собранието со европско знаменце, за да се ограничи времетраењето на амандманската расправа, а со оглед на тоа што првичната цел на законското решение е да се усогласи со уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор, односно во личните документи да стои новото уставно име на државата.
Но во игра е и можност решението за етничката припадност да остане заглавено во собраниска процедура, по предупредувањата дека тоа не се совпаѓа со европските директиви. Во тој контекст беше и една од последните изјави на премиерот Зоран Заев на оваа тема. Тој рече дека дебатата за правото на граѓаните, доколку сакаат во нивната лична карта да стои и етничка припадност, е отворена, а како земја кандидат за членство во ЕУ е императив усогласување на домашното законодавство со европската регулатива.