Парична казна од шест илјади евра ќе добие управителот на „Дрисла“, а прекршочна пријава ќе биде покрената и против него
Јавното претпријатие „Дрисла“ се соочува со казна од 110 до 120 илјади евра, а управителот со казна од шест илјади евра по извршениот вонреден инспекциски надзор по дојава од граѓани од селото Батинци при што е утврдено дека во Маркова Река има поголеми концентрации на загадувачки супстанции од дозволеното.
Од Владата денеска информираа дека вонредниот инспекциски надзор бил извршен на 4 септември и дека визуелно било утврдено дека има загадување на Маркова Река со темнокафена течност, но не бил почувствуван некаков мирис.
Истиот ден од страна на акредитираната лабораторија за животна средина „Еуромак контрол“ биле земени мостри од три места за анализа на водите од Маркова Река и една дополнителна мостра доставена од граѓани од Батинци при што биле утврдени концентрации на загадувачки супстанции над дозволените гранични вредности кои потекнуваат од исцедокот од депонијата.
„Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), пред Основниот кривичен суд во Скопје, ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка против правното лице ЈПДКО ‘Дрисла’-Скопје и против управителот поради одбивање на потпишување на записникот за спогодба од страна на директорот на Јавното претпријатие ‘Дрисла’ по извршениот вонреден надзор“,
информираат од Владата.