Прашан за недостигот на некои производи во маркетите, директорот на ДПИ, Горан Трајковски, рече дека трговците треба да кажат доколку имаат проблем со снабдувачите за Инспекторатот да реагира. Потенцира дека целта на ДПИ не е затворање на компаниите, туку почитување на владините одлуки
Поради непочитување на владината одлука за ограничување на цените на дел од прехранбените производи, но и поради нечесни трговски практики, од 19 септември досега се затворени 10 маркети и изречени се казни во висина од 6 320 000 денари, изјави првиот човек на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски.
Меѓу затворените маркети во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово и Струга, како што рече Трајковски на денешната прес-конференција, нема ниту еден од оние пет што беа првично затворени.
Потенцира дека целта на ДПИ не е затворање на компаниите, туку почитување на владините одлуки.
„Изминатите 10 дена се уверивме дека секој што не ја почитува владината мерка ќе биде казнет, а секој што ќе применува нечесни трговски практики ќе биде затворен и тука нема да има компромис за никого. Така ќе биде и во иднина, нема да има компромис и ќе биде казнет секој што нема да ги почитува мерките и одлуките на Владата, а оној што ќе го повтори прекршокот ќе биде затворен на подолг временски период“,
рече директорот на Пазарен.
Прашан за недостигот на некои производи во маркетите, Трајковски рече дека трговците треба да кажат доколку имаат проблем со снабдувачите за Инспекторатот да реагира. Додаде дека ќе бидат посетени и трговците на големо, кои, според владината одлука, имаат должност да ги снабдуваат трговците на мало со производите за кои важат „гарантираните цени“ во количина од најмалку 70 отсто од онаа која била продадена во август годинава.
„Некаде можеби се потрошиле залихите, па трговецот немал испланирано нова нарачка, но мислам дека тој проблем е решен, ако го имало некаде“,
рече Трајковски.
Во однос на регулирањето на пазарите, Трајковски рече дека Пазарниот инспекторат нема надлежност.
„Но, јас сум убеден, ако заедно со Министерството за економија најдеме начин како да функционираме и да постапуваме, ДПИ ќе постапи и на пазарите“,
додава директорот на ДПИ.
Засилените контроли на ДПИ следуваат по одлуката на Владата за замрзнување на цените на 24 категории производи кои во маркетите треба да се продаваат со ознаката „гарантирана цена“ и нема да смеат да поскапат до 30 ноември годинава. Станува збор за производи од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија, а последно во групата производи со ограничени цени влегоа и соковите, водата и пивото.