Од изршени над 250 надзори, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) утврди дека четири субјекти не ги почитувале последните одлуки на Владата за замрзнување на цените на одредени прехранбени производи.
Според директорот на ДПИ, Горан Трајковски, станува збор за економски субјект во Охрид, кој лебот го продавал по цена повисока од онаа утврдена во одлуката за замрзнување на цената на лебот на 33 денари, како и за три економски субјекти од Охрид, Битола и Кичево, кои не ја почитувале одлуката за намалување на цените на тестенините и млечните производи.
„По стапување во сила на последната одлука, односно во последните два дена, се извршени над 250 надзори на цела територија. Од надзорите е констатирано дека одлуките се почитуваат, освен кај четири економски субјекти, за кои се изречени прекршочни платни налози во вредност од над 1 120 000 денари“
рече Трајковски.
Трајковски порача дека инспекторатот останува на терен да следи дали се постапува согласно Одлуките на Владата. Освен замрзнатите цени на лебот, тестенините и млечните производи, се очекува да се направат анализи со кои ќе се утврди дали ќе бидат замрзнати цените и на шеќерот, јацата и оризот.