До 30 отсто исполнетост на капацитетите за посетители на настани кои ќе се одржуваат во затворен простор, дозволи денеска Владата. За настаните кои ќе се одржуваат на отворено пак дозволено е исполнување на капацитетите до 50 отсто. За сите јавни настани дозволен е максимум од 1 000 посетители.
На денешната владина седница беа прифатени предложените протоколи од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.
И за настаните на отворено и за оние кои ќе се одржуваат во затворен простор задолжително е носењето на лична заштитна опрема на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација, како одржување на физичко растојание на публиката со обележани места за седење, поставени на дистанца од 1,5 до 2 метри. Не е дозволено стоење и групирање на посетителите од публиката.
„Задолжителното одржување на физичка дистанца од два метри се однесува и на сите членови на тимовите задолжени за организација“,
велат од Владата.
Според препораките, задолжителна е дезинфекција на раце на влез на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација за целото времетраење на настанот, како и засилени санитарно-хигиенски мерки, редовно и зачестено одржување на хигиената на тоалетите.
„Задолжително е водење на евиденција за спроведеното чистење со употреба на средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05 проценти натриум хипохлорит (5 проценти белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) за подот или 70 проценти алкохол за дезинфекција за горните површини“,
велат од Владата.
При организирањето на настаните потребно е поставување на јасно видливи места на едукативно-информативен материјал за почитување на општите превентивни мерки како и задолжителна редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на наведените мерки.
„Се препорачува електронска продажба на билети, но доколку е потребно да има билетарница потребно е обележување на растојание односно место за чекање од 1,5 до 2 метри и исто растојание меѓу вработениот и посетителот или заштитна бариера“,
предвидува протоколот.
Секој организатор на настан потребно е да изготви протокол за реализација на планираниот настан кој ќе го објави јавно со цел навремено информирање на посетителите и учесниците во настанот за правилно следење на протоколот.
Од Владата информираат дека со овие препораки не се опфатени приватните веселби.