Нов активен пожар, како што информира директорот на ЦУК, од попладнево има на планината Плачковица помеѓу меѓата на штипскиот и делот на Општина Карбинци. Таму итно бил испратен еден „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС)
Пожарот на Галичица, кој беснееше изминатите денови, е целосно изгаснат, информира попладнево во видеоизјава директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. Целосното догаснување на пожарот, кој вчера беше под делумна контрола, е резултат на дождот што попладнево заврнал во оваа област.
Првиот човек на ЦУК информира и за пожарот во атарот на селото Гари, кој деновиве предизвикува загриженост за локалното население. Вели дека кракот на пожарот кој потенцијално можел да го загрози селото е изгаснат, а огнот се движи во спротивна насока. Според информациите на УХМР кои ги пренесе Ангелов, доцна попладнево и во оваа област се можни врнежи од дожд, кои би помогнале во гасењето на овој шумски пожар.
Директорот на ЦУК информира дека тежок за гаснење е пожарот на територијата на Општина Долнени, што се движи во насока на селото Зрзе и околината. Бидејќи во тамошен манастир се славел празник, Ангелов апелираше верниците да бидат исклучително внимателни, особено при палење свеќи.
Сè уште е активен и пожарот кај кичевско Цер. Жителите на ова и на околните села, како што рече Ангелов, се вознемирени поради големината на огнените јазици кои се движат во таа насока.
„Таму денеска дејствуваме со 30 професионални војници, седум припадници на локалната Противпожарна единица, осум лица вработени во ‘Национални шуми’ и најмалку триесетина доброволци“,
појасни Ангелов.
Големи пожари, како што посочи директорот на ЦУК, има и во општините Пласница, Дебар, како и во Долнени кај село Ропотово, каде што има два пожара.
Нов активен пожар од попладнево има на планината Плачковица помеѓу меѓата на штипскиот и делот на Општина Карбинци. Таму итно бил испратен еден „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Од попладнево пожар избил и на територијата на Општина Илинден околу Миладиновци.