Сите тројца членови од редовите на СДСМ – Кондарко Витановски и Ристеска се кандидирале повторно, но овој пат на поддршка од владејачката партија се надева и доскорешниот заменик-министер за правда Оливер Ристовски
Пет од вкупно седум членови на досегашниот состав на Државната изборна комисија се кандидирале за нов мандат, на огласот што минатиот месец го распиша Собранието.
Меѓу 14 кандидати што ги утврди денеска собраниската Комисија за избори и именувања, од досегашните членови на ДИК го нема само претседателот Оливер Деркоски, за чие место овој пат, исто така како предлог на ВМРО-ДПМНЕ, фигурира Александар Даштевски, кој има минат труд во поранешните состави на Комисијата.
Очекувано, не е пријавен повторно ниту Енвер Саљихи од Беса, која сега, како нова владејачка партија, го изгуби правото да има член во ДИК. Местото на Беса во изборната администрација сега ќе го заземе Алијансата на Албанците, како втора партија во опозиција во парламентот.
Сите тројца досегашните членови од редовите на СДСМ, Јанакие Витановски, Радица Ристеска, како и Борис Кондарко, кој едно време беше и на чело на Комисијата, се кандидирале за нов мандат. Но овој пат на поддршка од СДСМ се надева и доскорешниот заменик-министер за правда Оливер Ристовски.
Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, ќе проба да добие нов мандат, како и Дитмире Шеку од ДУИ, која досега беше потпретседателка на ДИК. Од друга страна, на листата на кандидати е и Бојан Стојаноски, вработен во парламентот, кој се споменува како можен предлог на ВМРО-ДПМНЕ за член на ДИК.
На огласот се пријавиле и Љупка Гугучевска, портпаролка на Комисијата и Бети Ѓоргиевска, вработена во ДИК. Преостанатите кандидати се Бесире Мјаки, професор во средно училиште; Димитар Спасески, политиколог; Кренар Лога, правник од Струга и Зоран Михајловски, правник од Охрид.
Половина од кандидатите ќе отпаднат од игра. Од листата што беше утврдена денеска, опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба да предложи двајца кандидати – еден за претседател, а еден за член. СДСМ треба да „избере“ тројца кандидати за членови на ДИК, додека ДУИ треба да го предложи потпретседателот, а Алијансата еден член.
Изборот на нови членови на ДИК треба да го потврди Собранието со двотретинско мнозинство.
Се очекува прва задача на новите членови на ДИК да бидат редовните локални избори наесен.