Имунизацијата засега се одвива само во модуларната болница кај Инфективната клиника во Скопје, со вакцините „Фајзер“ кои државава го доби од Србија
До денеска до 13:30 часот вакцинирани се 2 680 здравствени работници, соопшти Министерството за здравство.
Имунизацијата се одвива само во модуларната болница кај Инфективната клиника во Скопје, со вакцините „Фајзер“ кои државава го доби од Србија.
Министерот за здравство Венко Филипче неодамна изјави дека оваа количина од над 8 000 вакцини е доволна за вакцинирање на здравствените работници кои пројавиле интерес за вакцинација.
Вакцинацијата започна со оние што работат во ковид-центрите, прво од Скопје, а сега и од другите градови, па ќе продолжи со вработените во лабораториите кои испитуваат вакви примероци, матичните лекари и некои стоматолози.
Инаку, преку веб-страницата vakcinacija.mk за вакцинација досега се пријавиле 71 900 граѓани, а 46 414 преку матичен лекар.
Од вкупно пријавените 118 314 граѓани за вакцинација, 56 784 граѓани се на возраст над 70 години.
Вакцините на „Фајзер“ добиени од Србија се единствените кои засега ги имаме во земјава. Деновиве во фокусот на вниманието на јавноста е вратениот аванс за набавка на 200 000 дози вакцини од кинескиот производител „Синофарм“.
Премиерот Зоран Заев рече дека во меѓувреме е отворена и втора постапка за набавка на уште 200 000 вакцини од истиот производител, како и постапката за набавка на 100 000 вакцини „спутник“.
На сето ова се очекува и контингентот што нашата земја ќе го добие преку механизмот Ковакс и оние вакцини што се договорени директно со „Фајзер“.