Од досегашните пратеници на СДСМ, само неколкумина се високопозиционирани на листите за претстојните избори
Двете дополнителни заменик-министерки од СДСМ во техничката влада, Славјанка Петровска и Санела Шкријељ, се кандидатки за пратенички на претстојните парламентарни избори во втората изборна единица, каде што носител на листата е техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Петровска, како кандидатка од Бутел, е на осмата позиција во изборната единица во чиј состав влегуваат Куманово и дел од скопските изборни единици. Дополнителната заменичка во труд и социјална политика Шкријељ, пак, како кандидатка од Ѓорче Петров е на 14. место во истата ИЕ.

„360 степени“ објави синоќа дел од листите на коалицијата на СДСМ до 11. место. Притоа, забележливо е дека во првата половина од листите (до 10. место) дваесетина или околу една третина од позициите се оставени за коалициските партнери на СДСМ. Голем дел од досегашните пратеници не се застапени на новите листи. Меѓу кандидатите, на пример, го нема Хари Локвенец, кој беше на чело на Комисијата за одбрана, додека заменик-координаторот на пратеничката група на СДСМ, Диме Велков, е рангиран на 13. место во првата изборна единица. На листата ја нема ниту Ивана Туфегџиќ, која влезе во парламентот како претставник од граѓанскиот сектор, исто како и Ирена Стефкоска, која претседаваше со Комисијата за култура во парламентот.
Од досегашните пратеници на СДСМ високопозиционирани на листите се: Мухамед Зекири, Јагода Шахпаска, Костадин Костадинов, Јован Митревски… Очекувано, нема нова кандидатура за поранешните генерален секретар и потпретседателка на СДСМ, Александар Кирацовски и Фросина Ременски.