Судското рочиште на кое официјално ќе биде објавено обвинението против поранешниот американски претседател Доналд Трамп ќе се одржи денеска во Вашингтон
Трамп веќе се соочува со два други кривични случаи, но случајот поврзан со изборниот процес се смета за најсериозен од сите

фото: архива
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на денешното судско рочиште ќе биде официјално обвинет за заговор за поништување на неговиот изборен пораз во 2020 година, објави Би-би-си.
Во пресрет на обвинението, тој критикуваше велејќи дека случајот е доказ за „корупција, скандал и неуспех“ на Соединетите американски држави (САД) под претседателството на Џо Бајден.
Поради судското рочиште, денеска обезбедувањето во Вашингтон е подигнато на повисоко ниво.
Трамп веќе се соочува со два други кривични случаи додека тој води кампања за Белата куќа за догодина. Но, случајот поврзан со изборниот процес се смета за најсериозен од сите.
Во вчерашната објава на социјалната мрежа „Truth Social“, Трамп им се заблагодари на своите следбеници пишувајќи – „Никогаш порано сум немал толку голема поддршка за нешто“.
Во други објави, пак, тој ги нападна ривалските републикански кандидати за претседател, вклучително и неговиот поранешен потпретседател Мајк Пенс и гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис. Трамп го повтори својот аргумент дека Пенс имал законско овластување да го спречи Конгресот да ја потврди изборната победа на Бајден на 6 јануари 2021 година, постапка што беше прекината додека поддржувачите на Трамп се бунтуваа во американскиот Капитол.
Доналд Трамп (77) треба да се појави во федералниот суд во Вашингтон денеска во 16:00 часот по американско време. Се очекува да се изјасни за невин. Иако има можност да се јави од далечина преку видео врска, како што се дознава, тој ќе присуствува лично на рочиштето.
Во обвинението тој се соочува со четири точки вклучувајќи заговор за измама на САД, манипулација со сведок и заговор против правата на граѓаните.