Вечерва за предлогот заседава и Централниот одбор на ЛДП. До овој момент нема официјална информација каков став ќе заземе партијата која има двајца пратеници во законодавниот дом
Централниот одбор на партијата ДОМ на вечерашната седница одлучи дека нема да го поддржи т.н. француски предлог за започнување преговори со Европската Унија.
„ДОМ останува доследен на ставот дека билатералните прашања, особено оние кои се однесуваат на идентитетски, историски и образовни теми не треба да бидат дел од преговарачкиот процес. Исто така, ДОМ останува доследен на остварување на стратешката цел – членство во ЕУ согласно европските и зелените вредности. Централниот одбор заклучи дека во изминатиот период Зелената партија имаше одговорен и конструктивен пристап кој треба да продолжи и во иднина. ДОМ е особено загрижен поради длабоката поларизација во македонското општество и активно ќе работи во функција на нејзино надминување“,
соопшти ДОМ, чија лидерка, Маја Морачанин, е и единствена пратеничка на партијата во Собранието.
Вечерва за предлогот заседава и Централниот одбор на ЛДП. До овој момент нема официјална информација каков став ќе заземе партијата која има двајца пратеници во законодавниот дом.
Според најавите, извесно е дека предлогот, односно заклучоците ќе добијат најмалку 70 гласа. Поддршка, освен пратениците од владината колација (СДСМ, ДУИ, Алтернатива и ДПА) даваат и опозициските партии од албанскиот корпус (Алијанса за Албанците и БЕСА).
Седницата во законодавниот дом ќе почне утре во 13:30 часот. Половина час пред почетокот, ќе биде одржана посебна седница на Собранието на која пред пратениците ќе се обрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.