Нормално дека ние имаме и билатерален договор со Бугарија, исто како што имаме и билатерален договор со Грција, кој се реализира на билатерално ниво и се наоѓа во општите одредби на документите со ЕУ, не во посебните „бенчмаркови“ и во критериумите во кои се оценува напредокот на државата, согласно копенхашките критериуми, додаде премиерот
Доколку се придржуваме до Преговарачката рамка, тогаш нема потреба да се размислува за какви било дополнителни барања од кој било бидејќи сè е наведено во тој документ, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи го министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) изјави дека Северна Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ, но и дека е сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања.
Според Ковачевски, изјавата на шефот на дипломатијата е многу јасна и не се разликува од неговите изјави во минатото ниту, пак, се разликува од другите изјави на оваа тема.
„Од друга страна, опозицијата сакајќи да го одолговлекува процесот, сакајќи повторно да ја внесува државата во изолација, со тоа може да ѝ даде можност на Бугарија да каже: ‘Гледајте, тие не сакаат да ги исполнат нашите обврски, а ЕУ ги исполнува своите обврски’, бидејќи ние имаме Преговарачка рамка со ЕУ, немаме Преговарачка рамка со Софија“,
рече Ковачевски по посета на градинката „13 Ноември“ по повод „Недела на детето“.
Тој додаде дека скринингот се одвива во Брисел, а не во некој друг град и поради тоа е потребно фокусот да се стави на исполнување на она што е во Преговарачката рамка.
„И затоа, ако се придржуваме до Преговарачката рамка, тогаш и нема потреба да се размислува за какви било дополнителни барања од кој било. Нормално дека ние имаме и билатерален договор со Бугарија, исто како што имаме и билатерален договор со Грција, кој што се реализира на билатерално ниво и се наоѓа во општите одредби на документите со ЕУ, не во посебните ‘бенчмаркови’ и во критериумите во коишто се оценува напредокот на државата, согласно копенхашките критериуми“,
посочи премиерот.
Тој нагласи дека без консензус не може да биде донесено ниту едно решение.
„Она што досега било донесено тоа било донесено со консензус. И тоа што е донесено со консензус на паритетна основа и на реципрочна основа се имплементира во двете држави“,
дециден беше Ковачевски.
Тој потсети на одржувањето на првата Меѓувладина конференција и додаде дека она што останува да се направи е успешно завршување на скрининг процесот, изработка на документите коишто се однесуваат на патоказите за владеење на право, за демократија и за малцинските права на сите заедници.
„Во однос на малцинските права сметам дека ние сме лидери во Европа, бидејќи ако постои држава во која што малцинските права се заштитени и се унапредуваат и законски и институционално, за што основа секако е Охридскиот рамковен договор, тоа со сигурност е нашата, во која што секој човек без разлика на неговата етничка припадност може да го планира својот личен и професионален живот во држава“,
рече Ковачевски.