По обвинувањата на новинарот Фуркан Салиу од Клан ТВ дека директорката на Детската клиника во Скопје, Аспазија Софијанова земала над 3 000 евра месечно од клиниката, а голем дел од таа сума била исплата за дежурства за време на кои директорката наводно не се појавувала на работа, премиерот Ковачевски изјави дека доколку во конкретниот случај се утврди прекршување на работните овластувања и процедури, веднаш треба да се постави нов директор на оваа установа
„Јас нема да навлегувам во квалификации за нешто за што немам детали пред мене. Но, веќе разговарав со министерот Сали доколку има прекршување на работните процедури и на овластувањата веднаш да постави нов директор во Детската клиника, рече премиерот Ковачевски во одовор на новинарско прашање по посетата на Општата градска болница во Гостивар”,
изјави премиерот Ковачевски.
Министерот за здравство Беким Сали, пак, кажа дека за секој поединечен случај во кој што има злоупотреба ќе следуваат санкции. Тој воедно кажа дека во конкретниот случај има сомнеж за злоупотреба на политување на Колективниот договор, но вели дека нивна работа е системски да се решаваат недоследностите и можните проблеми кои се појавуваат.
„Моја одговорност и на Министерството е системски да ги решаваме проблемите иако повремено се појавуваат недоследности, односно злоупотреби од типот на почитување на работното време, начин на имплементација на Колективен договор. Во конкретниот случај има сомнеж за злоупотреба на почитување на Колективниот договор, според кој директорите имаат право да дежураат, да работат со пациенти. Тоа е измена во Закон која што беше направена пред две години, затоа што имавме случаи кога директор станува лице кое што е главен раководител на еден оддел и во тој случај пред заминување во директорската функција и немањето можност во одделот се чувствуваше таа празнина во секојдневната работа на болницата. Им се даде можност на директорите да дежураат и да работат со пациенти. За секој поединечен случај кој што има злоупотреба секако дека има санкции”,
вели министерот за здравство Беким Сали.
Откако беше обвинета од новинарот Фуркан Салиу дека земала над 3 000 евра месечно од Клиниката за детски болести, директорката на Клиниката Аспазија Софијанова рече дека не земала ниту денар надвор од нејзината работа. Начинот на пресметка на дежурства, додаде таа, е утврден со соодветен правен акт и тој се почитува до детаљ. Во нејзина одбрана застана и клиниката за детски болести од каде кажаа дека директорката никогаш не била исплатена со надоместоци во износите кои беа на одредени документи презентирани во јавност.