„Како што убивте невини цивили на Косово, во Босна, во Хрватска, сега ќе видите како е кога ќе се случи масакр на улиците во вашите градови“, се наведува во заканувачкиот мејл за поставени бомби ширум Србија кој денеска го добиле дел од српските медиуми на своите електронски адреси
Дел од српските медиуми, меѓу кои и Данас и Нова.рс објавија дека денеска на своите електронски адреси добиле мејл со дојава за поставени бомби на повеќе локации во градовите ширум Србија. Покрај локациите каде што наводно се поставени експлозивни направи, во мејлот се наведува дека „улиците ќе бидат полни со крв, а човечки органи ќе летаат во воздух“.
„Како што убивте невини цивили на Косово, во Босна, во Хрватска, сега ќе видите како е кога ќе се случи масакр на улиците во вашите градови. Ништо не научивте, не беше доволно НАТО да ве бомбардира, не се откажувате од идејата за ‘српско Косово’. Ако НАТО не ве натераше да се откажете, ако првата генерација на УЧК не ве натера да се откажете – ние ќе ве натераме, така што војната ќе ја пренесеме во вашите домови, станови, компании, канцеларии, на вашите улици“,
се наведува во мејлот што бил испратен до српските медиуми.
Мејлот кој го добиле дел од медиумите, како што наведуваат, бил испратен од електронска адреса именувана како „uck.second.generation.free.kosovo@gmail.com“ (втора генерација УЧК, слободно Косово).
Во мејлот, како што соопштија медиумите, се повикува на смрт на српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателот на Република Српска Милорад Додик, рускиот претседател Владимир Путин, СПЦ, бизнисменот Звонко Веселиновиќ и функционерот на Српската листа Милан Радоичиќ, со порака за „Слобода на Косово“.